Новата „каптива“ со спортски дизајн и нови мотори
Спортски изглед, унапреден и поквалитетен ентериер, флексибилна внатрешност со 5 или 7 седишта и нови агрегати
Владимир Ристовиќ
Новата „каптива СУВ“ има новодизајнирана предница, многу подобрувања во ентериерот, а тука се и новата механика, мотори и трансмисија. „Каптива“ има динамичен стил, со спортски гени и електронски контролиран погон на четири тркала, што ја пренесува силата на секое тркало според потребите. Тука е и седењето во три реда со комфор за седуммина патници. „Каптива“ од промоцијата во 2006 година најде многу поклоници, пред се', поради дизајнот, практичноста и квалитетниот екстериер. Новата изведба има уште подобра и поквалитетна внатрешност што оди за класа погоре. Надворешните измени се на поострата предна хауба поголема решетка со двојни отвори и амблемот на „шевролет“ во средината. Предните фарови што личат на призма и трепкачите во ретровизори се препознатливите белези. Профилот карактеристичен со крената линија дава поелегантна силуета, а за визуелизација тука се и 17-19 инчните тркала.Тука се и четири мотори впарени со шестепени мануелни и автоматски менувачи. Бензинците (2.4L i 3.0L) и две турбо дизел варијанти од 2.2 литри се нови адути. Новиот трилитарски V6 бензинец со 258 ks со директно вбризгување и вариабилно нагодување на времето ја прави „Каптива“ втора по сила во својата SUV класа. Новите турбо дизел мотори 2,2 литри располагаат со 163 и 186 ks. Шасијата е приспособена за да ја унапреди динамиката, како и аголот на тргнување и на странично навалување. Со електронска контрола на стабилноста (ESC), контрола на влечната сила (TCS) и системот за поддршка на сопирачките (BAS), како и со предните, страничните и воздушни перници и завеси, „каптива“ нуди поголема безбедност.
Внатрешноста е пространа, со пет или со седум седишта, а багажникот меѓу најголемите во класата.. Употребените материјали и квалитетот на завршната обработка во ентериерот се на повисоко ниво. Одлични дизајнерски зафати се и синото задно светло на инструмент таблата.
Новата „каптива“ има асистенција при тргнување под рачна сопирачка за евентуално да не тргнете наназад кога сте на угорница. Аудиосистемот содржи Aux-in, USB и Bluetooth приклучоци. Подобрена е и изолацијата. „Каптива“ може да се добие и со навигациски тал-скрин систем со ретрокамера, помош при паркирање. Продажбата би требало да стартува на пролет.
И електричниот „мерцедес“ А-класа со деби во Париз
На парискиот автосалон „Мерцедес“ ја најави електричната верзија на својата А-класа, развиена во соработка со американската компанија „Тесла моторс“. Засега нема многу детали, но отпорано се знае дека „мерцедес “А-класа Е-сел располага со максимален вртежен момент од 290 Nm и дека автономијата на движење на електричната „бејби-мечка“ изнесува околу 200 километри.
Производството (за почеток само 500 единици) треба да стартува веќе кон крајот на годинава, во фабриката во Раштат, Германија. Стартот на испораката на разните служби се очекува да биде во првите месеци на 2011 година.
„Шевролет круз“ во хечбек-верзија
Подинамична, купе-линија, тоа е новината што ќе ја претстават Американците со „круз хечбек“. Оваа варијанта е наменета, пред се', за помладите купувачи. Препознатливата предна маска е задржана, но затоа страничната линија е со подинамичен, купе-изглед. Сето тоа во спрега со задниот, заоблен дел, оформува спортска фигура.
Покрај тоа што ќе биде скратена изведба на седанот, „круз хечбек“ нема да заостанува во волуменот на багажникот. Со капацитет од 400 литри ќе биде во рангот на сите изведби од компактната класа од најновата генерација. Освен тоа, зголемена е и функционалноста благодарение на петтата врата, која овозможува товарење и на погабаритни предмети.
Моторизацијата ќе биде иста како и кај изведбата на „седан“. Но, се очекува и новина во вид на 1,4 турбо бензинец што веќе се имплементира во новата „опел астра“.
Продажбата на „круз хечбек“ треба да стартува некаде кон средината на наредната година, а цените засега остануваат тајна.
Атрактивна понуда „Голф 6“ со 1,2 TSI мотор
Помоќен „голф 6“, по атрактивна цена? Со новиот 1.2-литарски, со напредна TSI технологија, мотор, овој автомобил нуди поголема сила, а пониска потрошувачка. Новиот „голф 6“, со старлин-пакетот, нуди многу поволности: металик боја, светла за магла, целосна електроника на стакла и ретровизори со греење, ABS со ASR, сет од седум воздушни перничиња, двозонска автоматска клима, мултифункционален патен компјутер, радио ЦД, со мп 3 и со осум звучници.
Помоќниот и поекономичен мотор на Golf 6 сега е достапен по цена на стандарден модел. Вака опремен Golf 6, 1.2 TSI чини 15.500 евра. |