МАЈКИ ВО ЗРЕЛИ ГОДИНИ
Раѓањето на Михаил беше животен подвиг
Камелија Левенска-Николовска
Италијанската пејачка Џана Нанини е бремена во 54. година од својот живот. Уште еден доказ дека никогаш не е доцна да се стане мајка
Катерина Шекеровска
Кога е вистинското време да се стане мајка? Дваесеттите, триесеттите, четириесеттите години? Или можеби педесеттите? „Никогаш не е доцна за мајчинство“, категорична е 54-годишната италијанскат�� пејачка Џана Нанини, кај нас позната и по дуетот со Тоше Проески, „Арија“, за која деновиве дознавме дека е во шестиот месец од бременоста. Пријателите велат- зрачи, а Нанини со сиот жар и елан пазари низ лондонските продавници за бебиња. Го избира она што е најдобро за својата ќерка, која ќе се вика Пенелопа. Како никогаш порано, цврстата и по малку машкуданеста Нанини, не изгледала толку разнежнето и пред се', женствено.
Да се биде мајка на 30 години веќе стана редовна практика, но во 40-тите, па и позрела доба од животот се' уште е одлука на која се гледа некако со резерва. Камелија Левенска-Николовска, успешна деловна жена и сопруга на познатиот диригент и професор на Музичката академија во Скопје, Саша Николовски-Ѓумар е една од жените што решиле да станат мајки во позрели години. Таа роди на 42 години и во 2008 година го доби прекрасното синче Михаил.
„Бременоста беше планирана и неизмерно посакувана. Кога срцето ќе избере сопатник, најпосакуваното е заедничка рожба. Со Саша доследно ги поминавме сите тестови, внимателно и послушно следевме совети, читавме литература, слушавме и луѓе со искуство и професионалци. Нашата доверба комплетно (и со право)и' ја предадовме на д-р Лидија Черепналковска, која е најважна во овој наш „животен подвиг“- така го нарековме, бидејќи обајцата бевме длабоко забраздени низ своите пред се', работни подвизи, кои ни се чинеа дека се викаат живот“.
Михаил дојде на свет во 2008 год., 21 год. подоцна од првата рожба на Левенска-Николовска, синот Никола, кој е роден во 1987 година. Какво е чувството да се биде мајка на 42 години?
„Колку разликата и да се чини голема, денес, кога ќе го гушнам Миша, ми се враќа топлината од прегратката на рачињата на Нино, нишка што за миг премостува 21 година и исполнува со двојно поголемо чувство на милина. Во 1987 година бев студентка и се занимавав со манекенство, безгрижна, ведра, полна со енергија. Со неполни 21 година, Никола ми беше дар на кого му се радував на влезот во светот на возрасните.
Разликата меѓу јас - мајка на 21. и јас - мајка на 42. е голема. Првата бременост ја изнесов со голема посветеност, но и со леснотија, безгрижност, дури забава и со внимание кон секое движење на новиот живот во мојата утроба. Втората бременост беше дополнително обременета, не само од свеста за ризиците и прашањето на возраста туку и од многу други причинители поради кои не можев да и' се посветам со полно внимание. Таа моја 42 година ми потврди колку сум силна. Во четвртиот месец од бременоста сама поминав 10 претопли летни денови во Белград полагајќи ги првите испити од постдипломските студии. Во петтиот месец првата амниоцентеза беше неуспешна, и со страв ги чекавме резултатите од втората. Во истиот месец компанијата во која веќе 6 година работев на раководно место, одлучи драстично да ми ги намали и приходите и сите бенефиции. Тоа беше и месецот на нашата свадба со Саша, која со радост ја организравме со нашите пријатели, а во тој момент како и на прагот на градењето ново семејство, финансиското прашање ни беше навистина важно, па во исто време размислував и за нова работа. Во првата сериозна компанија во која ме поканија на разговор поради мојата стручност, ги премисли мојата бременост, следната компанија не ни одговараше поради потребата од чести патувања и можна преселба, а компанијата во која потоа работев до една недела пред породувањето и по 12 часа дневно, сопственикот ја расформира во јануари во деновите кога се' почесто бев во болница. Тогаш со Никола решивме да регистрираме наша агенција за односи со јавност како претставници за Македонија на странски синџир. На 25 јануари се роди Михаил, а јас бев со лаптопот, мобилните телефони и куп грижи и обврски. Саша, Никола, Мила, нашите родители и блиски и мојата сила го победија периодот, кој никому не посакувам да му се случи на тој начин. Од тој 25., низ сите победи ни се приклучи и Михаил со неговата насмевка, со која се' е полесно. А јас го сменив начинот на живеење и приодот кон животот и неговите приоритети. Таа 2008 година со се' што се случи во неа ми донесе многу конкретни патокази и овој прекрасен дар, кој го претвори немирот во спокој, а низ потребата за доверба, љубов, разбирање, сигурност, ние го изградивме нашето семејство“.
На прашањето дали размислува околу тоа дека требало порано да роди, Левенска-Николовска е категорична: „Да се запознаевме порано со Саша, сигурно ќе родев порано, и тоа барем две деца!“ Искрена во своите одговори, додава дека по потпораснувањето на првиот син Никола, таа свесно го избрала патот за ��радење кариера. „Тоа ми требаше за себеспознавање, себеизградување, самодоверба, но потоа те обзема тоа и времето веќе не ти е сојузник, туку противник, ниту го владееш, ниту можеш да го сопреш, ниту да го забавиш неговото темпо. Практично, во проширување на семејството свесно се спречив самата, задоволна со тоа што го имав и начинот на кој живеевме, а да не се сретневме со Саша, така и ќе продолжев“.
Камелија признава дека нејзиниот сопруг и' е од голема помош во одгледувањето на Миша. „Викендите и вечерите се само наши, но одвај се делиме наутро и се чекаме на врата по доаѓање од работа. Михаил ни е главната тема, на своето мало прстенце го врти сиот наш свет и тоа не' прави среќни“.
Нашата соговорничка се гордее со фактот дека родила на 42 години, вели дека слуша само честитки, а во исто време несебично дели совети и поддржува желби за бременост над 40. година.
Идеална возраст
Ќе се согласите ли со заклучокот дека кога жената е во 20-тите години- детето ја деформира, во 30-тите години- и' го чува здравјето, а во 40-тите години - ја подмладува?
„Сметам дека се' е индивидуално и не може да се генерализира. Има се' повеќе жени што изгледаат прекрасно, а родиле деца во различни возрасти. Стереотипот на жена домаќинка и мајка, која откако ќе се омажи и ќе роди, ќе се запостави, веќе одамна е надминат. Жената е се' попосвесна на себе, се негува и се одржува и може да си дозволи да изгледа како што сака, во зависност од тоа колку време или средства ќе одлучи да потроши. Што се однесува до тоа дека раѓањето по 40. ја подмладува жената, по мојот пример би кажала дека сите ми велеа дека крвта ќе ми се обнови, ќе ми се забави процесот на стареење итн, но тоа не можам со сигурност да потврдам. Она што можам да го кажам е дека сега сум посреќна, повесела, посилна, постабилна, посвесна за се' и поприсутна, но и порелаксирана, како животот да ми се преоблече во ново, ведро и лелеаво руво низ кое сонцето непречено грее и освелува, а секој нов плач одново ме изненадува и ме радува“, вели Левенска-Николовска.
Најстарата мајка роди на 70-годишна возраст
Индијката Рајо Деви Лохан е најстарата мајка во светот, која роди на 70-годишна возраст. Чудото за Индијката Лохан дојде по 55 години брак, а преку ноќ таа и нејзиниот сопруг станаа ѕвезди. „Не жалам за ништо. Цел живот сакав дете. Не е важно што сега сум болна, доживеав да станам мајка. Сега можам да умрам во мир“, изјави Лохан, која во 2008 година ја роди ќеркичката Невин.
НАЈДОБРО ВРЕМЕ
Биологијата си го прави своето
20 - 25 години
идеален период за прво раѓање (90 отсто од жените немаат болести што би ја оптоварувале бременоста)
25 - 30 години
плодноста веќе почнува полека да опаѓа, но се' уште е поволно време за раѓање
по 30. година
шансите се намалуваат за 12 отсто
по 35. година
се зголемува можноста за бременост со близнаци
по 39. години
смртноста на фетусот е пет пати почеста
по 40. години
веројатноста за зачнување е околу 20 отсто
по 45. година
повеќето жени влегуваат во менопауза, а се зголемува и ризикот од Даунов синдром
ФЕРТИЛИТЕТ
Плодноста значајно опаѓа по 35. година
Најновите истражувања покажуваат дека главен виновник е кохезинот, протеин што се појавува по природен пад, а ги држи заедно хромозомите во јајце-клетката
Научниците открија зошто кај жените кои се обидуваат да имаат потомство во подоцнежниот период од животот е поголема веројатноста да имаат спонтан абортус и проблеми со плодноста. Најновото истражување, исто така, покажа зошто децата родени од жени во доцните триесетти и во раните четириесетти години имаат поголеми ризици да заболат од Даунов синдром и од други генетски болести. Тим од британски истражувачи докажа дека како жените стареат така и нивоата на круцијалниот протеин, кој им помага на јајце-клетките да се подготват за моментот на оплодување, остро се намалува. Падот го зголемува ризикот дека јајце-клетката ќе заврши со погрешен број хромозоми и ќе биде дефектна.
Наодите ги зголемуваат изгледите за пронаоѓање нови лекарства за да се помогне одржувањето на здравствената состојба на јајце-клетките како што жените стареат. Истражувачите долго време знаат дека квалитетот на овие јајце-клетки се намалува со текот на времето и оти бебињата родени од мајки во доцната трета деценија и раната четврта декада од животот имаат поголем ризик да заболат од генетски нарушувања. Меѓутоа, не е јасна причината зошто јајце-клетките кај постарите жени се понездрави. Девојчињата се раѓаат со сет незрели јајце-клетки кои траат во текот на целиот нивен репродуктивен живот. Секоја незрела јајце-клетка содржи два сета од по 23 хромозоми-низи од ДНК што содржат инструкции за тоа како да се создаде и одржи човечкото суштество.
Пред јајце-клетките да можат да бидат оплодени, тие мора да го завршат комплексниот процес на созревање, наречен мејоза, во кој половина од тие хромозоми се исфрлаат. Јајце-клетката што е резултат на тој процес содржи само 23 нишки од ДНК, гени што се пренесуваат од мајката на детето. Најважната фаза од мејозата се случува пред овулацијата, кога голема количина ДНК се исфрла од јајце-клетката. Ако нешто тргне во погрешен правец, јајце-клетката може да биде оставена со погрешен број хромозоми.
Во истражувањето објавено во списанието „Карент бајолоџи“, истражувачите од Универзитетот во Њукасл и Центарот за фертилитет во Њукасл обрнаа внимание на протеинот, кој се појавува по природен пат наречен кохезин, кој ги држи заедно хромозомите во јајце-клетката подготвени за исфрлање на непосакуваната ДНК. Тие користеле ј��јце-клетки од млад и од стар глушец за да покажат дека нивоата на кохезин постепено опаѓаат како женката старее. Ако нивоата на кохезин се прениски, премногу или премалку хромозоми може да бидат исфрлени. Јајце-клетките, кои на овој начин стануваат дефектни, би можело да не успеат да се развијат, што, пак, би резултирало со неплодност, или би можело да доведат до бременост со голем ризик за спонтан абортус или раѓање бебе со Даунов синдром.
Лидерката на истражувањето, д-р Мери Херберт, доцент по репродуктивна биологија на Институтот за стареење и здравје при Универзитетот, вели: „Репродуктивното здравје кај жените драматично опаѓа од средината на 30-тите години па натаму. Нашите заклучоци го посочуваат кохезинот како главен виновник за ова. Постариот глушец што го користевме во истражувањето е еквивалент на жена во нејзините рани четириесетти години. Нивоата на кохезин беа многу намалени во јајце-клетките кај постариот глушец, хромозомите претрпеа многу бурна поделба што резултираше со погрешен број хромозоми задржани во јајце-клетките“.
Таа уште додаде дека ќе се спроведат дополнителни истражувања за да се види зошто кохезинот се губи со текот на стареењето. „Ако можеме да го разбереме ова ќе бидеме во подобра позиција да знаеме дали има некаква можност за развој на интервенции со кои ќе се помогне во намалувањето на загубата на кохезин“, вели таа. „Несомнено е дека најдобар начин жените да го избегнат овој проблем е порано да родат“.
Шансите на жените да имаат бебе по природен пат забележително опаѓа по 35. година. Лекарите велат дека оптимална возраст за раѓање е меѓу 20. и 35. година и за мајката и за бебето. Шансите за Даунов синдром, кој е предизвикан од присуство на дополнителен број хромозоми во јајце-клетката, и други хромозомни абнормалности видливо се зголемува на 37-годишна возраст. (Дејли мејл)
|