ЛИНДЗИ ЛОХАН
Повторно во затвор поради дрога
Крокодилските солзи ни овој пат нема да и' помогнат на талентираната, но сосема изгубена актерка Линдзи Лохан, која прекршувајќи ја условната казна, си обезбеди враќање зад решетки во женскиот затвор во Линвуд, оддалечен 40 минути возење од Лос Анџелес. Детето на Холивуд, кое со 24 години има повеќе престапи и од остарените рок-ѕвезди, падна на тестот за дрога.
„Тоа беше преголема пречка за мене и не успеав да ја совладам. Поради тоа преземам целосна одговорност за своите дела“, ги надмудри медиумите Лохан и самата го откри својот последен пад на „Твитер“.
Актерката, која е пуштена на 24 август од рехабилитација на една калифорниската клиника за одвикнување, откако мина 13 дена во затвор, им се заблагодари за поддршката на сите пријатели и на странците.
„Ми останува само надежта дека ќе се извлечам. Злоупотребата на дрогата е болест, која, за жал, не настанува преку ноќ. Со сите сили се трудам да се ослободам од таа зависност. Секој ден се обидувам со позитивни работи да ја потиснам желбата за дрога. Овој пат потклекнав, но се надевам и' верувам дека ќе се извлечам“, рекла Линдзи, на која судијката на Врховниот суд, Елден Фокс, според американските медиуми, поради прекршокот би требало да ја врати во затвор на 30 дена. |