Наука
Колкава е цената на среќата?
Подобро образование, намалување на стресот и негување социјални и семејни врски - сето тоа нуди многу повеќе насмевки, истовремено демантирајќи ја девизата дека парите ја купуваат среќата
Што не' прави среќни? Судејќи според сведочењата на луѓето што се опишуваат како задоволни, вие треба да се високообразовани, од женски пол, богати, мажени, самовработени и да не бидете на средовечна возраст. Од друга страна, несреќата потекнува од невработеноста, ниските п��иходи, разводот и кревкото здравје.
Постојат многу прашања околу причините и ефектите - на пример, дали луѓето се посреќни кога ќе се венчаат или дали среќните луѓе се венчаваат?
Што точно мислиме кога велиме среќни? Се смееме многу, се чувствуваме оптимистички и безбедни во животот, дека сме спокојно мирни или дилирично хедонистички? Во една неодамнешна Галупова анкета за националната среќа во 2008/2009 година, Америка се најде на петтото место, а, сепак, во исто време е 89. од 151 земја во однос на „најмалку загрижени“ и го има петтото највисоко ниво на стрес. Тешко може да се извлече логика: дали среќата е компензација за стресот или тие се неизбежно здружени?
Покрај тоа, дали среќата е посакувана цел? Тоа можеби се чини очигледно и, секако, е подобра мерка за човечкото богатство отколку конвенционалните економски индекси за благосостојба, како што е домашниот бруто производ. Но, што ако една среќна нација е себична или расипничка?
Едно од најспорните прашања за оние што се обидуваат да ја измерат среќата е нејзината поврзаност со приходите. Повеќето луѓе би се согласиле дека бедната сиромаштија е жална, но не е јасно како поврзаноста влијае врз таа несреќна состојба. Додека женскиот пол или венчавањето се решавачки фактори, приходот е квантитативен: ако богатството ве прави среќни, дали тоа значи дека да се биде побогат ве прави посреќен? Бидејќи повеќето од нас, по дефиниција, не се релативно богати во нашето општество, веројатно, чувствуваме жар на вообразено задоволство од студиите, кои покажуваат дека постои „праг на богатство“ над кој среќата веќе не се зголемува. Тоа одговара на интуицијата: супербогатите не секогаш изгледаат како посебно радосна група.
Добитникот на Нобеловата награда, економистот Даниел Канеман и неговиот колега, Ангус Детон од Универзитетот „Принстон“ во Њу Џерси, се обидуваат да ги објаснат работите. Во трудот објавен во „Записи на Националната академија на науки САД“, тие ги користат американските податоци од анкетата на Галуповиот институт за да потврдат дека приходот влијае врз нашата процена на „задоволство од животот“ кога влегуваме во царството на богатите.
Дали тоа ја потврдува анонимната досетка дека оние што велат дека парите не ја купуваат среќата, не знаат каде да купуваат? Не е токму така. Канеман и Детон тврдат дека претходните дискусии за среќата биле конфузни бидејќи не била направена разлика меѓу чувството на емотивна благосостојба и процената на животот. Првото се однесува на секојдневното искуство: колку се смееме и колку релаксирано се чувствуваме кога му пристапуваме на животот. Второто е еден пообјективен преглед: колку сме задоволни од нашето семејство, работата, куќата, осигурувањето или кредитната стапка. Не е тешко да се замисли дека шефот на една голема корпорација се чувствува добро за сиве овие прашања иако никогаш не се насмеал.
Во Галуповата анкета беа опфатени над 700 илјади американски жители иако авторите отфрлија една четвртина од одговорите бидејќи изгледаа несигурни. Од останатите, тие извлекоа заклучок дека приходот е во потесна корелација со процената на животот отколку со емотивната благосостојба и дека таа корелација важи за сите нивоа на приходи, барем за годишниот приход од околу 160 илјади американски долари. Иако благосостојбата генерално се зголемува со приходот, тој однос достигнува приход од околу 75.000 долари годишно.
И покрај целата двосмисленост, студиите за среќата се внимателно следени од политичарите и креаторите на политиката не само поради тоа што политиката што ги прави луѓето среќни добива гласови. Прашањето е што ќе направат тие со податоците. Дали е подобро да се промовира добра процена на животот или емотивна благосостојба?
Канеман и Детон се воздржуваат да заземат позиција, и како што сметаат тие, секое општество би требало да сака да ја подобри судбината на луѓето што се во лоша емотивна состојба, и кои се песимистички за нивните изгледи. Но, нивните резултати, секако, укажуваат дека приходот (и нивото на оданочување) не треба да се смета како релевантен мерач на среќата за оние што се богати. Иако некои можеби се решени да заклучат дека „парите можеби, по се', ја купуваат среќата“, тука може да се извлече посилен заклучок дека подоброто образование, сигурна здравствена заштита, намалувањето на стресот и негувањето на социјални и семејни врски нудат многу поголема дивиденда на насмевки. (Нејчер)
|