Хепенинг „Ја сакам Европа“
По повод Денот на Европа, Општина Центар денес организира три и полчасовна манифестација под мотото Европски хепенинг „Ја сакам Европа“, која ќе се одржи на улица „Македонија“, пред спомен-куќата на Мајка Тереза. Во реализацијата на програмата ќе учествуваат деца од градинките и од основните училишта во Општината, 15тина келнери од кафулињата низ центарот на градот, како и поп-пејачи. Програмата ќе започне во 12 часот со неколку активности. Ќе има и натпревар на основните училишта, на тема „Ја сакам Европа“.
Годинешниов европски хепенинг ќе биде во знакот на одбележувањето на 60-годишнината од Шумановата декларација, документ со кој бил направен првиот чекор кон обединувањето на Европа, а манифестацијата ќе започне со химната на Европската унија и со обраќања на градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ, и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере.
По повод Денот на Европа се одржува и манифестација „Концерти под отворено небо“, во организација на мисијата на ЕУ и пет скопски општини, утре со почеток во 13,30 часот на летната сцена „Школка“ во Градскиот парк. (Мр.Т.) |