Македонија на 71. место за човечкиот развој
Податоците од Извештајот за човечки развој за 2010 година од УНДП покажуваат дека Македонија и натаму е во категоријата „висок човечки развој“. Во изминатите 15 години, во периодот меѓу 1995 и 2010 година, земјата постигнала стабилен напредок. Индексот за човечки развој (ХДИ) се зголемил од 0,634 на 0,701, што е многу блиску до просекот за Источна Европа и Централна Азија. Сега Македонија е рангирана на 71. место од листата од 169 земји.
Тоа е резултат на неколку фактори, меѓу кои: зголемен животен век за повеќе од две години, зголемени просечни години на школување за речиси две години и повисок бруто национален приход по глава на жител од 41 отсто.
Во однос на школувањето, најуспешни во регионот се Чешката Република и Естонија, со просек на школување од 12 години. Македонија има просек од 8,2 години, со што е рангирана меѓу пониските нивоа. Белорусија и Македонија се лидери во регионот кога станува збор за политичкото учество на жените на национално ниво, со најмалку 30 отсто парламентарни места кои им припаѓаат на жените-кандидати. (Ек.Р.)
|