Место преку граница, на операција во „Систина“
Приватната клиничка болница стана дел од турскиот синџир на болници „Аџибадем“
Јасмина Јовановска
Преку приватната клиничка болница „Систина“, турски болнички бренд влезе во македонското здравство. Со потпишување договор за соработка, од вчера „Систина“ стана дел од синџирот болници на познатата турска групација „Аџибадем“, која има меѓународен сертификат за квалитет и безбедност на пациентите од „Џоинт комисион интернешенел“.
Воспоставувањето на соработката меѓу двете болници ќе значи размена на искуства, на технолошки достигнувања, а од почетокот на идната година во „Систина“ ќе доаѓаат турски лекари за болнички операции и услуги што не се извршуваат во македонското здравство.
„Ќе нема услуга што нема да ја работи болницата. Намерата е болните да не се малтретираат со патување, но ако нема можности во ’Систина‘, пациентот ќе се прати за лекување во некоја од болниците на ’Аџибадем‘. Со овој договор се ставаме на располагање и на Фондот за здравствено осигурување за обезбедување болнички услуги надвор од земјава“, изјави сопственикот на „Систина“, Јордан Камчев, по потпишувањето на договорот.
„Систина“ од „Аџибадем“ ќе учи организација на болнички услуги, а во наредните две години, според Камчев, приоритет ќе биде отворање седум регионални дневни болници во Македонија, проект за здравствено осигурување, со можност за осигурување на луѓето во болницата, како и отворање врвен онколошки центар.
Директорот на „Аџибадем“, Мехмед Ајдинар, се надева дека за пет години „Систина“ ќе стане болница со меѓународен сертификат за квалитет и со сите нишани како и другите болници на „Аџибадем“. „За нас има многу барања од болници во Кавказ, Средна Азија, а ’Систина‘ е првата болница надвор од Турција што стана дел од ’Аџибадем‘“, потенцира Ајдинар и додаде дека од петгодишниот договор немаат никаква материјална корист, туку само размена на искуства и знаење.
„Аџибадем“ е синџир од 11 болници и осум медицински центри и служби каде што се извршуваат најсофистицирани медицински технологии, како што се оперирање пациент со робот, операции на тумор на глава со гама-нож за бескрвно оперирање, а се нуди и амбулантско лекување, итна помош и прва помош на планина.
За министерот за здравство, Бујар Османи, влегувањето на турскиот бренд ќе значи зголемување на конкуренцијата и на квалитетот на услугите не само за „Систина“ туку и за целото здравство. Слична соработка се планира и во државното здравство, со збратимување на болници. „Како дел од билатералната соработка се водат преговори за збратимување на две-три болници од Македонија со турски болници за воспоставување телекомуникациска врска, размена на персонал и искуства“, изјави министерот Османи. |