„Хонда“ се повлече од Формула 1
„Хонда“ излезе од Формула 1, нанесувајќи му тежок удар на спортот и завршувајќи го сонот на вториот јапонски производител на автомобили. Притисната од намалената продажба на возила поради глобалната економска криза, „Хонда“ повеќе нема желба да финансира Ф1-тим со годишен буџет од околу 500 милиони долари. Извршниот шеф на компанијата, Такео Фукуи, на прес конференција изјави дека за евентуалното враќање во спортот ќе треба време и додаде оти не планираат да продолжат како доставувач на мотор.
„Оваа тешка одлука е направена во светло на наглото нарушување на бизнис-климата во светската автоиндустрија“, изјави Фукуи. „Хонда мора да ги заштити своите основни бизнис-активности и да обезбеди долгорочна иднина во услови кога раширената економска несигурност низ целиот свет продолжува да зема замав. Една од мерките вклучува и продажба на тимот“.
Фукуи, кој во почетокот од годинава изјави дека би потрошил „трилиони јени“ кога би можел за да ја направи Хонда победник во Формула 1, додаде: „Во моментов не планираме да се вратиме во Ф1, ниту да снабдуваме други тимови со мотор. Не сакаме да бидеме до половина внатре и до половина надвор од спортот“.
Тимот на Хонда има малку време за да најде купувач, бидејќи сезоната 2009 почнува на 29 март во Австралија. Нејзиното повлекување во моментов го остави без ангажман британскиот возач Џенсон Батон, иако некои тимови допрва треба да ја објават возачката постава за следната година. Бразилецот Бруно Сена, 25-годишен внук на загинатиот трикратен светски првак Аиртон, беше споменуван како можен наследник на сонародникот Рубенс Баричело за в година.
Ако не се најде купувач за Хонда, тогаш сезоната 2009 ќе почне со само 18 болида на патеката. Последен тим што излезе од Формула 1 беше Супер Агури, поддржан токму од Хонда, кој од финансиски причини колабира во април годинава. |