Србија ја испушти Германија, Шведска ја понижи Австрија
Во трилер-меч во групата Д, Германките славеа со 32:31, Швеѓанките во Охрид ги декласираа Австријките со 24:10
Сашко Ѓ. Димовски
Германија ја оствари втората победа во групата Д и обезбеди пласман во главната фаза на осмото Европско ракометно првенство во женска конкуренција. Во трилер меч Германките славеа над селекцијата на Србија со 32:31 иако лесно можеше да се случи на крајот да се радуваат најдобрите ракометарки на нашиот северен сосед. За нив, пак, ова е втор пораз на шампионатот, а шансата за продолжување на престојот во Македонија девојките на Часлав Динчиќ ќе ја бараат вечерва против домаќинот на ЕП 2008. Калкулациите говорат дека на Србинките им е потребна победа од три гола разлика против македонскиот состав за минување на групата доколку Германија претходно ја победи Хрватска. Доколку, пак, Хрватска успее да и' чепне бод на Германија или триумфира тогаш на Србинките ќе им биде неопходна било каква победа против Македонија. Германија и Хрватска се сигурни патници во следната фаза на првенството од групата Д.
Селекцијата на Србија може да жали што не успеа да ја урне Германија. Србинките го имаа во џеб противникот, но од бркотницата по теренот во последните две ипол минути протифитираа Германките. При резултат 31:31 промаши Лекиќ (57:19 минути), промаши Дмитровиќ (58:40), а Дамњановиќ загуби топка на 25 секунди до крајот. Последната српска грешка ја казни Алтаус која во контра поентираше за водство на Германија со 32:31. Србија, сепак, доби можност да го организира завршниот напад меѓутоа не успеа да се избори за чиста позиција. Шансата за реми ја имаа од прекин, но ударот на Тања Медвед по истекот на регуларното време заврши во блокот. Најефикасни ракометарки во натпреварот беа Андреа Лекиќ и ГритЈурак кои постигнаа по осум гола, по пет пати во српскиот состав поентираа Сања Рајовиќ и Светлана Огњеновиќ, Вурц даде 6, а Валцик пет во победничкиот тим.
Такви проблеми немаа фаворитите во групата Ц во Охрид. Шведска ја понижи Австрија со 24:10. Лидер во шведската репрезентација беше Алм со пет гола, Босен и Торстенсон постигнаа по четири. Кај Австријките, пак, кои во обете полувремиња поентираа по пет пати, најефикасна беше Енгел со четири гола, Шефкнехт даде четири, Хедл, Магелинскас, Плах и Стумвол по еднаш се запишаа во листата на стрелци.
Во вториот меч од оваа група Русија, очекувано, ја совлада Белорусија со 29:25. |