Каракамишева и Вакнин консултанти во здравството?
Јасмина Јовановска
Министерството за здравство е во потрага по нови советници за да им даде импулс на здравствените реформи. За тоа ќе се формира и Комитет за европско здравство што ќе биде составен од седум члена. За негово формирање пред повеќе од еден месец Министерството за здравство распиша и конкурс, но се' уште не е завршен изборот.
И покрај тоа што не се знае кој ќе членува, во јавноста веќе се вртат неколку имиња. Најмногу се споменува името на Татјана Каракамишева, професорка на Правниот факултет, и израелскиот економист Сем Вакнин, кој со години живее во Македонија и на јавноста и' е познат како стручњак за се' и сешто. Каракамишева, како што неофицијално дознаваме, би била одговорна за правниот дел. Таа би требало да стави крај на лошо изготвените закони кои паѓаат на Уставен суд. Вакнин, пак, се споменува како аналитичар кој би помагал во здравствениот дел на реформите.
Овие двајца стручњаци може и да не бидат дел од комитетот, туку да бидат ангажирани како надворешни консултанти на Министерството за здравство, за што имало виза од Владата, велат неофицијални извори.
Во Министерството за здравство ниту негираат ниту потврдуваат дали ќе бидат ангажирани овие двајца стручњаци. Министерот за здравство Бујар Османи не одговори дали планира да го освежи ресорот со нови консултанти. Тој само изјави дека не знае дали конкурирале за да станат дел од комитетот за европско здравство. Молчи и Владата. Иако беше ветено објаснување од Владата, не добивме одговор од портпаролот Шефик Дураки.
Дали има понуда за да биде надворешен советник на Министерството за здравство не потврди, но и не негира професорката Татјана Каракамишева. Таа вели дека нема таква информација. „Со мене никој официјално нема разговарано за да може да изјавам нешто“, ни рече Каракамишева. |