„Транспарентност - Македонија“: Власта самоволно троши народни пари
„Власта станува се' поарогантна, посамоволна и понетранспарентна во донесувањето одлуки или во трошењето големи буџетски средства во енергетиката, изградбата на споменици или во зголеменото финансирање на јавните и тајните полициските служби“. Ова, меѓу другото, го констатира „Транспарентност - Македонија“ во годишниот извештај за 2008 година што го претстави вчера на прес-конференција, а во кој ја резимира состојбата со корупцијата во државата.
Невладината организација, исто така, нагласува дека лани продолжил перманентниот притисок на политиката врз судството, со непримерен ангажман на актуелниот министер за правда.
„Органите на истрагата и прогонот продолжија и со скандалозната практика на делење телевизиска правда и газење на принципот на пресумпција на невиност уште пред осомничените да бидат обвинети. Од друга страна, во повеќе спектакуларно најавувани и започнати судења за кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата изостанаа уверливи пресуди или обвинувањата сосема се дезинтегрираа уште пред завршување на судските процеси. Во голем број случаи останаа само мачните и срамни телевизиски снимки на стотиците неосновано приведени и притворени“, се вели во извештајот на „Транспарентност - Македонија“.
Нетранспарентното трошење милиони евра за бесмислени владино-партиски промотивни кампањи и реклами по медиумите достигна срамни рекорди, коментираат во невладината асоцијација. „Но, сега веќе не се работи сам�� за основани сомневања за перење пари и корупција во начинот на кој се трошат парите на граѓаните, туку и за директен притисок врз слободата на печатот што креира долгорочна деформација на медиумскиот пазар, нелојална конкуренција, недозволиви медиумско-политички-бизнис врски и сојузништва и гушење на елементарните новинарски професионални стандарди“. (Д.Р.) |