Сведоците неусогласени каде бил приведен командант Коки
По неколку одложувања, вчера во Основниот суд Скопје 1 започна судењето против Никола Георгиев, алијас командант Коки, обвинет за случувањата пред грчката амбасада во Скопје во почетокот на годинава. Четворицата вработени од МВР кои сведочеа не можеа прецизно да кажат каде точно бил приведен Георгиев, откако удрил еден полицаец. Дел од сведоците не можеа да кажат ништо конкретно за учеството на Георгиев во нередите пред грчката амбасада, дел се откажаа и од барање надомест на штета, но имаше и такви кои изјавија дека го виделе обвинетиот на булеварот „Партизански одреди“ во непосредна близина на аптеката „Зегин“ . Од она што се слушна вчера, може да се заклучи дека апсењето, сепак, се случило пред кафулето „Карма“, а кај спомнатата аптека Георгиев, со лисици на рацете, бил префрлен во друго полициско возило со кое бил однесен во ПС „Центар“.
Со тврдење дека командант Коки бил уапсен пред неговиот локал излегоа двајца вработени во „Карма“. Сведоците рекоа дека Георгиев во локалот пристигнал некаде околу 19,30 часот, но дека само еден и пол час подоцна пристигнале специјалците. Георгиев вчера се повика на исказот што го дал во истрагата, а неговиот бранител тврдеше дека критичната вечер полицајците се подбивале со него и со неговиот штитеник кој, поради повредите што ги здобил, завршил во болница. (Љ.С.) |