Ќе се почека на евтините кредити - банките уште тактизираат
Фирмите уште ќе почекаат на евтините кредити од кредитната линија на Европската инвестициона банка, вредна 100 милиони евра. Иако беше најавено дека на крајот на август ќе почнат да се одобруваат овие кредити, сепак, според извори од банките, тие се' уште со МБПР ги пеглаат условите поставени во договорите што треба да ги потпишат. Банкарите вчера очекуваа одговор од МБПР за забелешките кои ги упатиле минатата недела. Според нив, откако јасно ќе се прецизираат условите за доделување на овие заеми, дури потоа може да се очекува да дојде до потпишување на договорите, по што фирмите ќе можат да аплицираат со проекти кај банките. Инаку, уште пред еден месец МБПР ги испрати првичните договори до 7 банки кои беа избрани од ЕИБ, од нив досега само една потпишала. Парите од ЕИБ ќе легнуваат на сметките на банките и тоа во неколку транши. За да тргне првата транша, услов е вкупната сума одобрени кредитни барања да не е помала од 3 милиони евра.
Додека банкари речиси еден месец преговараа со МБПР да се подобрат и допрецизираат условите, бизнисмените постојано се жалат дека многу тешко доаѓаат до свеж капитал. Услов да го добијат бизнисот за македонските банки беше да учествуваат со пари приближно колку заемот на ЕИБ. (С.М.) |