И со новиот ребаланс власта ја негира кризата
Со пад на БДП од над два отсто, а не 0,6 отсто како што предвидува власта, ќе има и трет ребаланс
Соња Маџовска
Вториот ребаланс на буџетот е политичка проекција на власта, а не сериозна и реална економска рамка на најважниот документ што излегува од Министерството за финансии. Ова, се' на се', е оцена на експертите за предложеното ново прекројување на државната каса, за што Владата ќе расправа на денешната седница, а тие очекуваат наскоро и ново продолжение. Според нив, власта отиде со проекција дека падот на БДП годинава ќе изнесува само 0,6 отсто, а не близу или над два процента, како што прогнозираа Народна банка на Македонија и ММФ, бидејќи, ако ставеше ваква проекција ќе мораше многу повеќе да го скрати буџетот. За домашните и за странските аналитичари е јасно дека со пад од над два отсто на економијата, како што реално се очекува, власта повторно ќе има проблем во собирањето на приходите, што неминовно ќе доведе многу брзо до трет ребаланс.
„Проекциите, како и во оригиналниот буџет и при првиот ребаланс, така и со вториот ребаланс, дејствуваат повеќе како политичка проекција на партијата на власт, а не како сериозна рамка. Веројатно само на Владата во оваа држава не и' е јасно дека кризата е многу подлабока, отколку што таа ја проектира. Тоа може да предизвика нови проблеми во финансирањето на буџетот и евентуално трет ребаланс, за да се задржи сегашниот висок дефицит. Со оглед на екстремно високиот пад на индустријата во јули, прв месец во третиот квартал, треба да очекуваме нови проблеми во буџетските приходи, а тоа може да води кон трет ребаланс или кон зголемување на дефицитот. Владата прави проекции за да ја негира кризата што е очигледна, а не проекции што ќе и' помогнат на македонската економија побрзо да се извлече од рецесијата“, смета поранешниот министер за финансии Никола Поповски.
И министерот за финансии, Зоран Ставрески, на уште недонесен вториот ребаланс, не ја исклучи можноста дека наскоро може да има и трет ребаланс на буџетот. „Нормално е во ваква година, кога многу пати ММФ, Светска банка и сите други институции и владите ги менуваа проекциите и ние да оставиме простор, доколку движењата во реалниот сектор се поповолни или понеповолни од она што сега сме го предвиделе, да направиме дополнително приспособување“, изјави деновиве Ставрески.
Конечните бројки со ребалансот на буџетот денеска ќе се дефинираат, но според она што првиот финансиер го откри деновиве преку избрани медиуми, успеавме да разбереме дека понудиле намалувања во сите позиции, почнувајќи од ставките, како што се плати, преку стоките и услуги, па до капиталните расходи.
Ќе бидат опфатени сите министерства, а ќе се спаси само ресорот одбрана. Кај сите други буџети на министерствата ќе има кратења, во поглед на трошоци за дневници, службени патувања, за мобилни телефони.
Најмногу ќе се скрати на плати од 11 до 12 милиони евра. Нема да има нови вработувања, а ќе се забавува динамиката на вработување на административци дури и по Рамковен договор и за европските потреби. Нема да се замрзнат, но до крајот на годината ќе се вработува помалку од предвиденото. Владата со претходниот, јунски, ребаланс одлучи да го стопира процесот на зголемување на јавната администрација. Од Министерството за финансии тврдат дека не планираат кратење на администрацијата, односно дека нема да има отпуштања од јавниот сектор, при што ќе има пари за редовни плати на административците, но замрзнати ќе бидат новите вработувања. Ниту оние што неколку години работат со договор на дело нема да имаат можност да добијат решение за вработување на неодредено време, до крајот на годинава.
Ставрески најави намалување и на други ставки, но не откри каде и за колку. Тоа треба да се прецизира на денешната владина седница.
Со ребалансот, сепак, ќе има двопроцентно зголемување на пензиите. Првпат покачената пензија пензионерите ќе ја примат во септември.
Овие средства се обезбедени со пренесување од една ставка во друга. Има пари и за бесплатните учебници.
Дали ќе се крати кај капиталните инвестиции ќе зависи од тоа во која фаза точно се наоѓа реализацијата на проектите во одделни министерства, најави Ставрески.
Инаку, со новиот ребаланс на буџетот се планира да бидат скратени 70 милиони евра од расходите на државата, со што вкупните приходи во буџетот ќе изнесуваат 2,23 милијарди евра, додека вкупните расходи ќе се намалат на 2,43 милијарди евра. Буџетскиот дефицит останува на 2,8 проценти од БДП.
|