Унгарци бараат две автономии во Романија
Букурешт - Претставник на Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (УДМР), Тамаш Шандор, се закани на граѓанска непослушност од страна на припадниците на унгарското малцинство во земјата доколку не добијат автономија за две области во кои тие претставуваат мнозинство.
Шандор, кој е претседател на регионалниот совет на областа Ковасна, во изјава за весникот „Гандул“ нагласи дека УДМР, кој е помал партнер во владината коалиција, сериозно размислува да ги повика Унгарците во Романија на граѓанска непослушност доколку претседателот на државата, Трајан Басеску, и владејачката Демократска либерална партија (ПДЛ) не се согласат на автономија на областа Секеј.
Секеј е подрачје што се наоѓа во централниот дел на Романија и ги опфаќа окрузите Ковасна, Харгита и Муреш. Осумдесет проценти од населението на ова подрачје го сочинуваат припадници на унгарското малцинство.
Шандор истакна дека при евентуална нова територијална поделба на Романија, неговата партија ќе бара создавање два региона со автономен статус по моделот на Јужен Тирол. Првиот регион би бил Секеј, а вториот би се наоѓал во северозападниот дел на Романија и би ги опфаќал сегашните окрузи Бихор, Сату Маре и Солаш. „Тоа е единственото прифатливо решение за УДМР“, нагласи Шандор.
Во почетокот на месецов Басеску предложи нова територијална поделба на Романија со која земјата би била поделена на осум големи региони наместо сегашните 41 округ и плус Букурешт како посебна административна единица со статус на округ.
Меѓутоа, УДМР не се согласува со ваквата идеја и бара поделба на територијата на Романија на 16 региони, од кои два во кои Унгарците би биле мнозинство, би добиле автономен статус.
„Доколку ова прашање не може да се реши на политички начин, ќе бидеме принудени на граѓанска непослушност. Во првата фаза ќе излеземе мирно на улиците, без оружје, како што правевме во последните 20 години. Но, ако и по ова не се реши прашањето, ќе видиме што понатаму“, нагласи Шандор.
Ваквите изјави на Шандор предизвикаа реакции во романската јавност по што тој прецизираше дека неговата партија ќе повика само на граѓанска непослушност, како и дека „не го употребил, па дури и не му било напамет да го употреби зборот оружје“.
|