Конгресмени го тужат Обама за нападот врз Либија
Претседателот го прекршил Уставот, бидејќи го заобиколил Конгресот во донесување одлука за напад
Десет претставници на американскиот Конгрес поднесоа тужба против претседателот Барак Обама поради преземање воена акција во Либија без одобрување од Конгресот. Претставниците тврдат дека Обама го прекршил Уставот, бидејќи го заобиколил Конгресот во донесувањето одлука и наместо тоа ги искористил ОН и НАТО да ја легитимира употребата на воена сила. Конгресмените од судот бараат да нареди прекинување на сите воени операции без одобрение на Конгресот. Освен Обама, нивната тужба го товари и министерот за одбрана, Роберт Гејтс, јавува Асошиетед прес.
Интересно е тоа што меѓу овие конгресмени има припадници и на демократската и на републиканската партија. Најпознатото име меѓу нив е Рон Пол, кој и инаку се залага за големо намалување на трошоците во воениот сектор и итно повлекување на американските сили од Ирак, Авганистан и од Либија.
Оваа тужба е само еден во низата судири меѓу Белата куќа и Конгресот на темата што се однесува на интервенцијата во Либија. Неколкумина претставници на републиканците веќе го повикаа Обама пред Конгресот да ги објасни вистинските темели со кои се оправдува оваа интервенција. Тие предупредија дека Белата куќа влегла во зоната на кршење на Законот за широки овластувања на федералните власти за време на војна, според кој, претседателот не мора да бара согласност од Конгресот во првите 60 дена од преземањето на воената операција. Првите американски напади врз силите на Гадафи се случија на 19 март.
Во Белата куќа најавија дека ќе испратат детаљно соопштение до Конгресот во кое ќе ги објаснат целите на американската вклученост во операциите во Либија, и дека врз основа на тоа ќе се постави легалниот темел за продолжување на таа кампања. Исто така, го негираат кршењето на законот.
Белата куќа енергично го брани правото на претседателот Барак Обама да ги задржи САД воено ангажирани во Либија без да бара одобрување од Конгресот, потег што изгледа воопшто не го смири бесот меѓу републиканските законодавци и антивоено расположените демократи околу консултациите на претседателот со Конгресот за време на речиси тримесечната кампања.
Во извештајот испратен до Конгресот во средата, официјалните претставници на администрацијата тврдат дека поради тоа што САД имаат споредна улога во воздушната мисија предводена од НАТО, американските сили не се соочуваат со „непријателства“ што би барале од претседателот да побара одобрување од Конгресот според Законот за широки овластувања на федералните власти за време на војна. Тој Закон од 1973 година забранува армијата да биде инволвирана во акции повеќе од 60 дена без одобрување од Конгресот, плус триесетдневно продолжување.
Извештајот, во кој се наведува дека до 3 јуни трошоците на американските воени операции изнесуваат околу 715 милиони долари, што е вкупно зголемување на 1,1 милијарди долари од почетокот на септември, направи малку за да ги смири законодавците што се критички настроени спрема начинот на кој Обама се однесува кон Конгресот за време на кампањата во Либија. „Сигурен сум дека и сенаторот Барак Обама немаше да се согласи ако во моментов и тој беше конгресмен“, изјави конгресменот Бред Шерман, демократ од Калифорнија, член на Комитетот за надворешни работи при Претставничкиот дом.
Сенаторот Боб Коркер, републиканец од Тенеси, изјави дека е запрепастен од тоа што администрацијата не верува оти американските сили се соочуваат „со непријателства“ во Либија, наведувајќи дека генералите поинаку им имаат кажано на законодавците за време на тајните брифинзи.
|