Концерт
Здравко Чолиќ- стилска фигура за југоносталгија
Тричасовната програма со песни од сите периоди на неговата кариера, пред публика, која од првиот стих, па до последниот бис заедно со него ги испеа сите песни, говори дека дури и да се „рутински“ неговите концерти, Здравко Чолиќ е повеќе од песна, музика, добра забава
Јасминка Павловска
Со секое доаѓање во Скопје, (а ги имаше забележително често во последниве две-три години) феноменот на постоењето на Здравко Чолиќ добива некое ново значење. Веќе одамна, дури во времето на постоењето на Југославија, Чолиќ ја имаше надраснато квалификацијата естраден уметник - пејач, а некако ограничувачки за него звучеше и терминот „ѕвезда“. Чествувањето со називот „легенда“ повторно е несоодветно, зашто асоцира дека можеби се пензионирал од неговата основна дејност - пеењето, а тој, се чини дека нема намера да стори такво нешто во брзо време. Барем тоа со голо око е видливо и извесно по саботниот концерт (25 декември) во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Тричасовната програма со песни од сите периоди на неговата кариера (уште од „Гори ватра“, па до најновите, како што се „Ангелина“, „Мерак ми е“...), пред публика, која од првиот стих, па до последниот бис заедно со него ги испеа сите песни, говори дека дури и да се „рутински“ неговите концерти, Здравко Чолиќ е повеќе од песна, музика, добра забава... Здравко Чолиќ во саботата пред скопјани покажа дека и натаму совршено владее со својот глас... И натаму насмевката за време на цел концерт не му се симнува од лицето... И натаму освојува со едноставен и природен шарм, иако не зборува многу... И натаму не знае да танцува, но затоа со себе носи танчерска група, која навистина не се „Локици“... Па и зошто би менувал нешто од своите навики во четвртата деценија на својата кариера, кога и таков каков што бил досега успева да комуницира со генерации и општествени категории, кои во секојдневна ситуација би имале барем судир на вкусови.
Но, на концерт кај Здравко Чолиќ доаѓаат (и пеат со него) оние што ја препишувале својата љубовна биографија од неговите песни во времето на Титова Југославија, а и оние што за истата таа земја знаат од меѓусебните обвинувања на транзициските политичари. А тие, политичарите, речиси во полн состав ги наполнија ВИП-ложите на саботниот скопски концерт - и од власта и од опозицијата. Навистина на различни страни од сцената, но беше забележано и извесно „мешање на позициите“.
Како и да е, со секое доаѓање во Скопје, било неофицијално или официјално - концертно, Здравко Чолиќ ги потврдува своите позиции на вонвременски феномен за овие поранешни ЈУ-простори. Можат и да го пародираат, да го карикираат, да зборуваат дека е здодевен, надживеан, но секогаш некој од тие скептици ќе се најде на некој негов концерт. И ќе пее со него, зашто Здравко Чолиќ е метафора, стилска фигура за нашето време пред идните генерации што може да се нарече транзициска југоносталгија. |