Меридијани
Вуду економија
Сајмон Џонсон
Демократските и републиканските лидери во Вашингтон неочекувано се согласни за потребата од големи даночни намалувања. Дали овој ненадеен почеток на долгопосакуван двопартиски консензус покажува дека нова, посилна Америка е веднаш зад аголот? За жал, токму спротивното е вистина. Сведоци сме на согласност преку коридорот за многу опасен приод до јавните финансии: континуираност на она што претседателот Џорџ Буш постариот го нарече „вуду економија“. Буш ги одмеруваше силите со Роналд Реган за номинацијата на републиканците во 1980. Реган предложи намалување на даноците со идеја дека ќе се исплатат т.е. ќе ги зголемат приходите - мислење што стана познато како „економија на понуда“. Нема ништо лошо во тоа да постои загриженост за дестимулативниот ефект на повисоките даноци, но екстремната верзија предложена од Реган беше неприменлива во САД. Кога се намалуваат даноци, има пониски приходи, значи поголем буџетски дефицит.
Искуството со фискалната политика во последниве неколку децении е јасно. Вреди да се стимулира економијата со дискрециона фискална политика само повремено - посебно кога ако тоа не се стори би било катастрофално. Затоа, беше логично да се тежнее кон некаков фискален стимул на почетокот од 2009 година. Мала е веројатноста дека фискалниот стимул ќе има подолготраен ефект, како што сега е случајот. Можеби има одредено привремено позитивно влијание врз побарувачката или повисоките каматни стапки би можеле да го неутрализираат цели��т фискален притисок - стапките на 10-годишните државни обврзници забележително се зголемени пред еден месец (од 3,21 отсто на 4,16), кога дискусијата за даночните намалувања стана сериозна. Пазарот е нервозен - главно од изледот за огромен фискален дефицит до каде што досега окото. Некои коментатори го отфрлаат ова како ирационално, но, повторно, тоа е само пуста желба. Пионерската работа во изминативе години на Кармен Рајнхарт, колешка од од Институтот „Петерсон“ во Вашингтон прави ова да биде многу јасно - ниту една земја, вклучувајќи ги и САД, не може да им избегнат на штетните последици од истрајно големиот фискален дефицит.
Во ваква средина, дополнителен фискален стимул би се покажал како контрапродуктивен. Американската Банка на федерални резерви вети дека ќе го спречи зголемувањето на долгорочните стапки, но нејзините ангажмани во таа насока сега изгледаат неефикасни. Но, тоа не е вистинската опасност. Повеќето американски политичари сакаат да мислат и зборуваат само за САД. Но, долгорочните американски камати стапки во голема мера се погодени од она што се случува во остатокот од светот. Проблемите во еврозоната им помагаат на САД да продадат повеќе долг по пониски цени. Но, големи се шансите дека еврозоната ќе ги реши своите проблеми за една или повеќе години, делумно преку разумна употреба на фискалната строгост. Би било логично ако центарот предводен од Германија се појави како посилен и политички поинтегриран отколку претходно - во рамките на еврозоната.
По една година каква економија ќе имаат САД? Секој краткорочен ефект од „фискален стимул“ ќе исчезне, стапката на невработеност се' уште ќе биде висока и ќе има политичари, кои ќе бараат дополнителни даночни намалувања. Буџетскиот дефицит, веројатно, ќе биде во рамките од 8 до 10 отсто од БДП, дури и ако растот се врати до некој степен. И пазарите на обврзници ќе бидат многу понервозни, што ќе значи повисоки камати што ќе го продлабочат дефицитот.
Некои луѓе очекуваат Пол Рајан, ѕвезда во подем во Републиканската партија, кој ќе биде претседавач на Комитетот за буџет во Претставничкиот дом во следниот состав на Конгресот, да обезбеди фискално одговорна заштита за следната рунда дебата за дефицитот во САД. Рајан во „Фајненшел тајмс“, сугерираше: „Америка е желна за зрела конверзација за заканата од долгот“. За жал, се' уште нема знак дека и раководството на демократите е подготвено за зрела конверзација околу фискалната консолидација. Лидерите и на двете партии ќе дојдат до тоа - само кога ќе бидат приморани.
(Авторот е поранешен главен економист на ММФ, професор на МИТ Слоан и постар соработник на Институтот „Петерсон“ за меѓународна економија и пишува за „Проект синдикејт„. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |