Поглед
Автобуси во лер
Деспина Трајковска
Скопјани останаа со празни раце за Нова година. Ветените 15 обични автобуси од Украина ќе можат единствено да си ги посакаат како новогодишна желба. Наместо да им се израдуваат по неколкумесечните најави, корисниците на јавниот превоз во Скопје од ден на ден се во грч дали тие воопшто и ќе дочекаат да се возат во нив.
Помина јуни, кој беше предвремен термин за испорака, стаса и септември, но ништо ново не видовме, а и крајот на годинава ни е на прагот, а од „дилот“ тежок 11 милиони евра нема ни трага ни глас. Официјалните објаснувања дека автобусите ги нема бидејќи „погонот доцнел со производство“, „се' уште се на хомологација“ или, пак, „само што не тргнале“ успеаја да ги држат на граѓаните стенд-бај, но, очигледно е дека тие веќе со ништо не можат да се залажат.
Го нема ниту најавениот примерок на возилата што треба да биде подложен на испитувања на Машинскиот факултет. Автобусот се' уште патувал. Но, ако само еден од 15 патува веќе десетина дена, колку ли, пак, ќе им треба на останатите вкупно 84 договорени? Ќе се запалат ли воопшто нивните мотори, никој не може или, пак, не сака да гарантира. Украинците ветуваат, но оптимизмот и кај нашите власти полека како да попушта.
Се чини дека министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, мува не го лази. Утеха му било што Украинците за својата недисциплинираност ќе плателе пенали, иако граѓаните желно очекуваат да се поднови јавниот пре��оз.
Скопјани сакаат нови автобуси, а не државата да си го полни буџетот поради непочитување на договорот. Тоа ќе значи потрошено време на повторување на тендерите, кои и не течеа подмачкано. Се' на се', се чини и в година низ Скопје ќе се тркалаат старите канти на ЈСП.
|