Дуке Бојаџиев промовира нов албум
Новиот студиски албум на македонскиот композитор и продуцент Дуке Бојаџиев „Њујорк. а.м.“ ги одбројува деновите до своето претставување пред македонската публика. Најновиот музички материјал, кој е во издание на „ПМГ рекордингс“, ќе биде промовиран на 27 август 2010 (петок) во Капан-ан, Стара чаршија, со почеток во 23,30 часот. По офици��алната промоција, ќе следува концерт на Дуке Бојаџиев.
На албумот „Нујорк. а.м.“ се работеше повеќе од седум години, а снимањето и продуцирањето е извршено во Њујорк, актуелниот дом на Бојаџиев. На него се појавуваат значајни имиња од њујоршката музичката сцена, како што се Анџела Мекласки, Ким Вајман, Силвија Гордон, ТК Вондер, но и од македонската сцена, како и Кирил Џајковски, Исмаил Лумановски, „Бернис пропаганда“. Станува збор за авторски проект што содржи електроакустична музика, инспирирана од животот и секојдневјето во Њујорк. Жанровски на албумот има влијанија на поп, хип-хоп, рок и етно, спакувано во модерна електронска продукција.
Дуке Бојаџиев е еден од најзначајните македонски музичари. По дипломирањето на престижниот колеџ „Беркли“ во 2001 година, се сели во Њујорк, каде што се' уште живее и работи. Познат е по работата на полето на филмската музика и современата музичка продукција. Едни од позначајните филмски соработки со наши режисери се: „Пекол“ на Данис Тановиќ, „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Созерцание“ на Иво Трајков, „Војната е завршена“ на Митко Трајков. Активен е и на полето на холивудската филмска продукција. Неговата музика е дел од рекламните кампањи на врвни светски брендови, („Пежо“, „Ана Суи“, „Лореал“, „Ланком“, „Мерцедес“, „Крајслер“), ТВ-серии и ексклузивни мултимедијални презентации
Зад себе досега има оставено 6 албумски изданија, а неговата музика може да се најде и на бројни светски компилации. |