Концерт на Ксенија Јанковиќ на „Охридско лето“
Во црквата „Св Софија“, во рамките на „Охридско лето“, вечерва со почеток во 21 часот концерт ќе одржи виолончелистката Ксенија Јанковиќ, во пијано придружба на Ненад Лечиќ. Ќе бидат изведени дела на Шуман и Рахмањинов.
Ксенија Јанковиќ е родена 1958 година во семејство на музичари, а први професори и' биле нејзиниот татко Павле Јанковиќ и Јанко Ристиќ. На деветгодишна возраст дебитирала со Белградската филхармонија, а образованието го продолжила во Централната музичка школа при Московскиот конзерваториум. Студирала кај Пјер Фурние во Швајцарија и кај Андре Навара во Германија. По победата на неколку национални и интернационални натпревари, во 1981 година ја освоила Првата награда на познатиот конкурс „Гаспар Касадо“ во Фиренца. Солистичките концерти на Јанковиќ во Париз, Лондон, Берлин и Москва, како и нејзините настапи со големи светски оркестри, критиката ги опишува како „потресни и незаборавни“.
Од 1990 година работи како професор по виолончело и камерна музика на Високата школа за музика во Вирцбург, а од 2004 предава на Високата школа за музика во Детмолд.
Ненад Лечиќ е роден во 1979 година. Својот прв рецитал и изведба со оркестар го имал на 11 годишна возраст. Од тогаш победил на 6 поголеми национални натпревари. На 12 годишна возраст, станал најмладиот ученик со специјален статус во историјата на Белградската музичка академија. Во тој период ја добил и наградата РАИ за Европски топ талент. Живее во Германија од 1993, а дипломирал на Музичката школа во Келн на 19-годишна возраст. Три години подоцна се стекнал и со магистерска титула во класот на Пиер-Лорен Аимар и Арбо Валдма, истовремено студирајќи за нова пијано музика. Моментално работи во Musikhochschule во Детмолд и учествува музичкиот живот на Германија и во други европски држави. (К.Б.) |