Овации за Трпчески во „Ројал Алберт хол“
Целосно распродадениот концерт директно бил пренесуван на Радио-Би-Би-Си 3
Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески во понеделникот вечерта настапи на еден од најголемите светски музички фестивали - „Би Би Си промс“, што се одржа на една од најпознатите светски сцени - лондонски „Ројал Алберт хол“.
Нашиот пијанист беше солист во изведбата на Концертот бр. 2 за пијано и оркестар од Рахманинов заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар и нивниот шеф диригент Василиј Петренко. Очекувањето исклучителна концертна комбинација беше поткрепено со извонредните рецензии во светскиот печат за првиот од двата компакт-диска (издание на АВИ Рекордс) на кои Трпчески со најстариот професионален британски симфониски оркестар во континуитет и диригентот, кој важи за еден од водечките на својата генерација, ги изведува сите концерти за пијано и оркестар на Рахманинов.
За овациите што ги заслужи од публиката Симон Трпчески за Македонското радио по концертот изјави: „Сметам дека реакцијата на публиката сама по себе си го кажа своето. Само што заврши последниот тон и луѓето буквално на нозе и со толкави овации и толку искрен прием... толку многу народ, а толку многу дисциплинирана публика која навистина беше вовлечена во атмосферата што ние се трудевме да ја направиме на сцена. Навистина, многу инспиративно, ретко е чувството да се свири на ваква сцена, во ваква сала. Човек се чувствува како да е на стадион, а сепак е во концертна сала. Навистина фантастично и драго ми е што токму овој е мојот последен концерт во оваа сезона што заврши како што се очекуваше.“
Во изјавата за Македонското радио, и диригентот Петренко не го криеше своето задоволство од повторната соработка со Трпчески: „Одлично! Го сакам начинот на кој свири Симон. Тој е еден од најдобрите пијанисти на нашево време. Сметам дека ова беше навистина воодушевувачка изведба и уживав во секоја минута од неа.“
Целосно распродадениот концерт пред околу 5.000 посетители директно беше пренесуван на Радио Би Би Си 3, а на 26 овој месец на ТВ Би Би Си 2 ќе биде емитувана и телевизиската снимка од овој исклучителен настан. (К.Р.) |