„Ние“ против тоталитаризмот
Во Единствената држава се е уредено со математичка прецизност: и часот за прошетка, и часот за секс и за џвакање храна и носевите – поради општата среќа
Димитар Чулев
„…Вам ви претстои, со благотворниот јарем на разумот, да ги покорите суштествата, кои постојат на другите планети – и кои можеби се' уште живеат во дива состојба на слободата. Ако тие не сфатат дека ние им носиме математички безгрешна среќа, наш долг е - да ги натераме да бидат среќни…“.
Така пишуваше Евгениј Замјатин на првата страница во своето маркантно дело „Ние“ пред деведесет години, чие читање или препрочитување, сеедно, и денес предизвикува чудно грчење на скалпот и трпки по должина на ’рбетот. Сместено во иднината некаде во 32 век, по 200-годишна истребувачка војна и илјадагодишен мир, Замјатин замисли општество кое го достигна степенот на совршена утопија: свет на униформирани безимени единки, кои живеат во стаклени домови од каде можат да бидат набљудувани од Чуварите на државата кои во име на врховниот Добротвор водат сметка никој од нив да нема приватност, да нема соништа, чувства, фантазии… со цел, се разбира, да бидат среќни. Во Единствената држава (парче простор одделен со огромна стаклена купола од непознатата дивина) се' функционира со математичка прецизност: и часот за прошетка, каде што по четворица во ред униформираните единки се релаксираат, и часот и партнерот предвиден за секс, кога на единките, кои имаат број место име (мажите со самогласка како префикс, а жените со согласка), можат да општат... Под контрола е и џвакањето синтетичка храна по 52 пати секој залак и обликот на носевите за кои Државата се труди да ги унифицира за да се отстрани и последната причина за љубомора и завист...
Делото е замислено како дневник на главниот лик со број-име Д-503, градител на вселенскиот брод „Интеграл“, кој во своите 40 белешки тестаментално им ја испраќа формулата за достигнување на апсолутната среќа на таму некои суштества од други планети. „Ние“ (Д-503 нема индивидуалитет) , пишува Замјатин, стигнале до среќата во математички уредената држава каде што „најголемиот споменик на старата култура е што е дојден до нас – ’Возен ред на железницата’“ – е нова „библија“. Замјатин е саркастичен и вели „стариот Бог го создал древниот човек т.е. човекот кој е способен да греши – и, заклучно, тој самиот погрешил. Таблицата за множење е помудра, поапсолутна од стариот Бог : таа никогаш... никогаш не греши“. Д-503 се прашува кога единствената држава ќе го исполни со обврски и она мало слободно време кое им останува на „броевите“ за среќата да биде цело��на. Тој им се чуди на древните луѓе кои живееле во старите, наводно, цивилизирани држави (20 век) кои го оставале „сексот без никаква контрола. Кој кога и колку сака... Сосема ненаучно, како животни. И како животните наслепо раѓале деца. Зарем не е смешно да се познава градинарството, живинарството, рибарството, ... а да не се дојде до последното скалило на оваа логична скала: детарството...“. Замјатин, токму овде треба да се спомне тоа, во една прилика ќе изјави дека „Ние“ е неговото „најсериозно и најкомично дело“.
Заплетот почнува кога Д-503, постојан партнер на извесната О-90 бидува заведен од И-330, број од спротивен пол, која го носи во древниот музеј и флертува со него облечена во древни колоритни фустани... Тој прво е вознемирен, бидејќи прв пат сонува, почнува да фантазира што е знак на сериозно психичко нарушување и покрај тоа што како на математичар никојпат не му било јасно зошто во општеството во кое имагинацијата е законски укината, во математички цели е дозволен имагинарниот број и или квадратен корен од -1. Неговата љубена (ново непознато чувство) И-330, која дрско пуши, го збунува со тврдењето дека ништо не е совршено и ниту завршено, бидејќи ни „ револуциите не се конечни“, а општеството кое го смета за идеално е само минлива фаза. Како и во секоја негативна утопија (дистоопија, односно какотопија) во што се претвора Платоновата визија за совршената „Политеја“ (380 пр.н.е.) или „Утопија“ (1516) на Томас Мор, ако се стави во реални рамки, главниот јунак не се спротивставува, не „умира машки“ туку кукавички се ослободува од товарот што му го создава поимот за слободата: ја предава И-330 на Чуварите и доброволно се пријавува за интервенција на мозокот со која му согоруваат дел од сивата маса што му предизвикува имагинации спротивни на унисоното „размислување“ на масата „броеви“. И тоа токму во моментот кога паѓа стаклената купола на Единствената држава, почнува ветар, а над стаклениот град по 1.000 години летаат птици.
* * *
Постои општа согласност дека Евгениј Замјатин е првиот вистински автор, кој се дрзнува да предвиди во каков монструм може да се претвори идејата за вештачки инсталирано бесконфликтно општество. Кое, всушност, станува тоталитарно. Многумина, во Замјатин (1884-1937), член на Болшевистичката партија од 1905 година, бродарски инженер со стаж во Британија, учесник во Октомвриската револуција, преведувач и писател во Петербуршката издавачка куќа „Светска литература“, член на авангардната литературна групација „Серапионови браќа“, гледаат човек кој бил сведок на монструозната метаморфоза на револуционерната идеја во бирократско-тоталиристички режим во кој и литературата, и поезијата, и музиката се ставаат во функција на величење на државата во која секоја поинаква помисла е – еретичка. Замјатин го пишувал „Ние“ од 1021 до 1923 година... Во 1927 година се појавил, фрагментарно и „прочистено“ во дел од печатот, бидејќи во неговото дело, револуционерните цензори најдоа многу сличности со актуелната ситуација во Русија. И како поразувачки податок во прилог на ова: „Ние“ на руската читачка публика прв пат и' беше претставен во целост во 1988 година, во годините на таканаречената „гласност“ и отворањето на СССР во времето на Горбачов.
Тоа е едната страна. Други сметаат дека бунтот на Замјатин е првиот обид да се манипулира со утопистички софтвер на човечки хардвер и дека таквиот спој би бил поразувачки. Трети во „Ние“ препознаваат фантастична верзија на многу присутниот судир на култури меѓу оние модерни напредни општества кои колонизираат и оние што се колонизирани... (Секоја сличност со сегашната глобализација, со општоприфатените стандарди за уредување на друштвата и за однесувањето на поединецот, со генетички модифицирана храна, со пластична хирургија, видеокамерите, генетскиот инженеринг во изборот на наследник и извикувањето на оние што се од таа страна на „демократската купола“ се само случајни. Се разбира.) Сите, меѓутоа, се согласуваат дека тој е визионер, кој ја предвидел и црната страна на комунизмот и монструозниот фашизам...
На литературен план извршил огромно влијание за појавувањето на делата „Храбриот нов свет“ (1932) на Олдоус Хаксли и на „1984“ (1949) на Џорџ Орвел. Самиот Орвел, кој во 1946 прв пат дошол до француска верзија на „Ние“, најавил дека тоа го инспирирало за нов роман. Оние што ќе ги прочитаат „Ние“ и „1984“ ќе се согласат дека сличностите се и премногу големи.
Замјатин, голем познавач на природните науки, е футурист кој најавува ера на стакло, бетон во идниот изглед на градовите, говори за реактивни мотори и акумулаторски постројки... Евидентно е дека бил под влијание на нему драгиот Х.Г. Велс (автор на„Временската машина“, „Војна на световите“, „Невидливиот човек“) за кого вели: „Неговата фантастика е можеби фантастика само денес, а веќе утре ќе станат дел од животот... тој има чудна дарба да ја види иднината низ непроѕирната завеса на сегашниот ден“. Дали Замјатин не мислел и на себе...
Несфатен од своето време и премногу критичен, Замјатин паѓа во немилост. Во една пригода му се обратил со писмо на Сталин, во кое вели:„Знам дека имам мошне незгодна навика да не го кажувам она што е корисно во дадениот момент, туку она што ми се чини вистинско“.
Дрскоста не му помага, туку пријателот Максим Горки, кој во 1931 година ќе измоли дозвола Замјатин да го напушти СССР. Умира во Париз, шест години подоцна... |