Вардар со амбиција да создава млади таленти
Околу 550 кошаркари во сите возрасни категории ќе се надградуваат во „црвено-црните“ погони
Сашко Ѓ. Димовски
Сениорскиот состав на Вардар ќе биде дел од второлигашката конкуренција во новата сезона во која ќе влезе со амбиции за експресно враќање во македонската кошаркарска елита. Но, она што е уште поважно е мисијата што клупското раководство ја постави пред себе и макотрпно ќе работи на нејзина реализација. Се базира на интензивна работа за производство на млади таленти кои во иднина ќе претендираат да станат и носители на играта во првата екипа. Како координатор на проектот е потпишан Марјан Илиевски, наш познат кошар��ар, кој во кариерата го носеше дресот на неколку македонски прволигаши како Неметали Огражден од Струмица, Николферт од Гостивар и Куманово.
„Целта ни е да создадеме систем во чиј приоритет ќе бидат младите таленти, да произведеме квалитетни играчи кои во блиска иднина ќе станат носители во играта на првиот тим. Условите за работа што ги имаме се идеални. Во комбинација со макотрпна и беспоштедна работа мислам дека сме на добар пат да успееме во нашите замисли“, порача Илиевски.
Под капата на Вардар, во малата сала во рамки на СРЦ „Кале“, ќе се надградуваат околу 550 млади играчи кои се пријавени да учествуваат во сите седум возрасни категории во натпреварувањата во организација на македонската кошаркарска федерација (МКФ). Сите ќе бидат под договор. На возраст меѓу 12 и 20 години се околу 150 од нив, дури 400 имаат од 6 до 11 години. Работата со младинските категории им е доверена на 13 тренери. Дел од нив се се' уште студенти на Факултет за физичка култура во Скопје, дел, пак, веќе имаат диплома од оваа високообразовна институција. Борче Даскаловски и натаму ќе работи со првиот тим на „црвено-црните“.
Кошарката е во фокусот на вниманието во најголем дел од секојдневието во Вардар. Со младите категории се работи од утро до мрак.
„Не верувам дека во друг македонски клуб се посветува толку внимание во работата со младите категории како што е случај во нашиот. Кај нас се тренира од осум часот наутро до 23 часот навечер“, рече Владо Воиновски, почесен претседател на Вардар, кој притоа се осврна и на договорите што клубот ги потпиша со секој свој член поединечно. Од оваа година ќе се потпишуваат по два договора за заштита и на клубот и на самите кошаркари од разноразни менаџери и сплеткари присутни на македонската кошаркарска сцена.
„Македонската кошаркарска федерација ќе добие еден, а клубот и кошаркарот ќе потпишат друг во вид на облигација. Мора да ја заштитиме нашата инвестиција бидејќи секој млад кошаркар не' чини околу 3500 евра на годишно ниво“, појаснува Илиевски. |