Европското првенство во „илегала“
Македонија не оддава впечаток дека од вторник ќе ги нагости најдобрите ракометарки на континентот
Роберт Димитриевски
Осмото Европско првенство за ракометарки чука на врата, а домаќинот Македонија ѕирка низ прозорецот и како да се мисли дали да го пушти внатре. Од 2 до 14 декември Скопје и Охрид ќе нагостат 16. најдобри сениорски селекции на стариот континент, но место вообичаената еуфорија што ги следи спортските натпреварувања од највисок ранг, во земјата-организатор никој посебно не се потресува околу тоа. Една од причините е, веројатно, (не)конкурентноста на домашната репрезентација, на што наведува скромната цел да се биде трет во групата со Германија, со Хрватска и со Србија и така да се влезе во вториот круг, но добар дел отпаѓа и на бледата пропаганда. Упадливо е отсуството на билборди, плакати на позначајните објекти, огласи и пригодни содржини во (електронските) медиуми, а никој жив не знае ни каде да купи пригодни сувенири со симболите на првенството.
Засега се' се сведува на неколкуте промотивни активности во последната седмица пред шампионатот. Официјалниот партнер ВИП“ на Ракометната федерација на Македонија во вторникот во пицеријата „Дал мет фу“ во центарот на Скопје, организира дружење со репрезентативките и со нивните машки колеги. Неколку дена претходно беше презентиран официјалниот постер на првенството, а завчера беше промовирана навивачката химна „Европа е Македонија“, напишана од Огнен Неделковски на музика на Григор Копров, а ја испеаја Дани, Боби Андонов, Биба Додева, Бојана, Дејана Николовска, Влатко Илиевски, Игор Митровиќ и Ѓоко Ѓорчев.
Продажбата на влезниците на Интернет „сега за сега оди добро“, тврди Саша Гавриловиќ, директор на „Експлоринг Маседониа“, национален туристички портал надлежен за овој сегмент од организацијата.
„Најголема побарувачка има од Норвешка и од Данска“, вели првиот човек на субјектот што е во приватно-јавно партнерство со Министерството за економија од 2005 година.
Билетите за ЕП во Македонија на Интернет почнаа да се продаваат во септември, а тие за македонските љубители на ракометот од понеделникот наваму. Цените за он-лајн купувачите се движат од 25 евра, колку што во претпродажба е најевтината карта за два меча од прелиминарната фаза по групи во Скопје, до 500 евра, колку што е регуларната цена на влезницата за сите натпревари на првенството. За домашните навивачи, пак, цените на влезниците за средбите на македонската репрезентација се 200, 300 и 500 денари и можат да се купат во објектите „Југотон“ во Скопје, „Кукузел“ во Охрид, „Хозелито“ во Битола и на билетарницата на салата „Борис Трајковски“ од 12 до 18 ч. секој работен ден.
Најоптимистичката прогноза за вкупниот број на гостите од странство што ќе дојдат заради ЕП за ракометарки е 10.000.
„Секоја репрезентација има резервирано сместување за околу 150 луѓе, вклучувајќи ги и официјалните делегации. Меѓу туристите најголем интерес пројавиле тие од нордиските земји, а процените на агенциите се движат меѓу 8.000 и 10.000 посетители, колку што вкупно се очекуваат за време на првенството. Поради близината, тој број може да се зголеми ако имаат успех Хрватска и Србија“, вели Игор Симјановски, директор на Бирото за туризам и информации на град Скопје.
За разлика од Македонија, која дефинитивно не се прослави со промоцијата, Хрватска реши да го одврзе ќесето за 21. Светско првенство за ракометари што ќе се одржи од 16 јануари до 1 февруари 2009 година во Загреб, Вараждин, Осиек, Задар, Сплит, Пореч и Пула. Хрватската туристичка заедница и амбасадорите одржаа или допрва ќе организираат промоција во 13 од 24 земји-учеснички на мундијалот. Една од нив во вторникот беше и Македонија, кога во хотелот „Александар палас“ во Скопје беше претставено се' што ќе им понудат Хрватите на посетителите на СП, а сето тоа „филувано“ со специјалитети на тамошната кујна и „залиено“ со првокласно хрватско вино. За пропаганден материјал од типот на ДВД, туристички брошури, маички со логото на шампионатот, приврзоци за клучеви итн. и да не зборуваме. На Скопје му беше укажана чест во истиот ден кога и на Мадрид, а ваква манифестација е планирана и за во Јужна Кореја!
Швеѓаните, пак, сопствената кандидатура за организација на СП 2011 за мажи ја промовираа уште минатиот декември за време на СП за жени во Франција. Наградата стигна на 18 октомври годинава, кога Советот на Интернационалната ракометна федерација на гласањето во германското гратче Херцогенаурах ја избра токму Шведска во конкуренција на Данска, Шпанија и Унгарија.
Европските првенства во ракомет одамна веќе не се само обично натпреварување на најдобрите национални тимови од континентот, туку и голем бизнис, за што најдобро зборуваат бројките од ЕП за мажи што во јануари годинава се одржа во Норвешка. Според „Инфронт“, кој е ексклузивен комерцијален партнер на Европската ракометна федерација за медиумските и за рекламните права за европските првенства и кој има договор со ЕХФ до 2014 година, норвешкиот ракометен самит беше пренесуван од повеќе од 70 телевизии и од рекорден број радиостаници. Кумулативната гледаност на настанот достигна аудиториум од дури 1,2 милијарди луѓе, а официјалниот веб-сајт на првенството имаше над 380.000 поединечни посети од 165 земји.
Во Македонија се очекуваат над 500 новинари, фоторепортери и сниматели, кои побараа акредитација од организаторот. |