Албанија ги отпишува Македонците место да ги попишува?
Шест месеци пред пописот во април, Албанија ги сведе малцинствата на „друго“
Димитар Чулев
„Не сум сигурен дека албанските власти сакаат да спроведат прецизен и чесен попис. Образецот во кој се предвидени две графи - Албанец и друго - има за цел да ги одврати етничките Грци, Црногорци, Македонци, Власи, Турци, од изјаснување на етничкиот идентитет“, вели Едмон Темелко, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција и актуелен градоначалник на Пустец. Темелко е длабоко разочаран што барањата на партијата, која е регистрирана во 2005 година, како и барањата на другите ентитети не биле земени предвид при изготвувањето на прашалникот што би ја прикажал, конечно, вистината за мултиетничноста на Албанија.
„Баравме, таксативно, покрај Албанците, да бидат наведени и припадниците на другите малцински групи што живеат во Албанија. Многу е поедноставно доколку имате напишано македонски, турски, влашки... и тоа да го потврдите со заокружувањето на квадратчето. Сега се бара од луѓето под графата ’друго‘ сами ракописно, полуписмено, писмено да напишат дали се Македонци, Грци и некои други. Сметам дека ова е погрешно“, вели тој.
Обединетата македонска дијаспора изрази длабоко разочарување од постапката на албанските власти во последен момент да го преправат пописниот образец и, покрај Албанците, да не ги вклучат малцинствата. Претседавач на Обединетата македонска дијаспора, Стојан Николов, меѓу другото, изјави: „Албанија како НАТО-членка и аспирант за ЕУ би требало да работи на засилување на својата демократија според принципите на НАТО и на ЕУ“. Од ОМД велат дека не е реална бројката од 4.148 Македонци, која Албанија ги третира како мало малцинство во преспанското село Пустец. Според нивни сознанија, бројот на Македонците во Албанија е сигурно над 150.000 моментно.
„Политиката на асимилација над малцинствата во Албанија започна со Енвер Хоџа и, за жал, на пософистициран начин продолжува и денес“, вели Едмонд Темелко. Албанската држава, според него, го прифати фактот дека Општина Пустец има македонско малцинство, меѓутоа не признава дека етнички Македонци живеат и во други делови на државата. „Моето име е Едмонд и е дел од стратегијата на Енвер Хоџа за комплетна асимилација на земјата. Локалните матичари на секои две години во минатото добиваа список на имиња што им ги наметнуваа на родителите на новороденчињата. Без разлика од која вера, нација, етникум си, добиваш име кое го одбрале во Тирана“, вели Темелко, објаснувајќи од каде му е неговото име.
Партијата на Македонската алијанса за европска интеграција од 2005 година функционира како регистрирана политичка партија во Албанија. Меѓутоа, со стратегијата за намалувањето на евентуалното членство од етнички Македонци таа во старт е минирана како значаен политички фактор. „Како и другите движења и партии, им укажувавме на албанските власти дека ќе биде подобро и за имиџот на Албанија во светот, но и за малцинствата овде, таксативно да се набројат малцинските групи што функционираат во над тримилионска Албанија“, вели Темелко.
Една студија на Центарот за етнички истражувања во Тирана, објавена во 2005 година, излезе со податоци дека 4,4 отсто од населението во Албанија е од македонско етничко потекло. Овие податоци официјална Тирана или не сака да ги признае или не и' одговара да ги објавува.
Македонско малцинство има во Мала Преспа, некаде над пет илјади, и албанската држава се обидува таа бројка да ја земе како единствена за постоењето македонски етникум. Легално не се објавени, но споменатата студија говори дека од од три општини во Голо Брдо, две се со доминантно македонско население - Требиште и Острени. Македонско малцинство има во Гора, во Корча и во околината. Токму во Корча е отворена првата телевизија која емитува на македонски јазик и која тврди дека се обраќа на 300.000 гледачи, а во околината на овој град се наоѓа и најоддалеченото македонско село од Македонија, Бобошница, каде што се говори на чист македонски јазик.
„Се плашам дека луѓето се уплашени. Под графата ’друго‘ и оставената линија под таа, ќе напишат дека се Срби, Црногорци, Македонци“, вели Едмонд Темелко. Интересен е фактот дека бројот на Македонците во Албанија, од првиот попис по Втората светска војна до денес, е околу четири илјади, што е невозможно. „Надвор од Пустец нема шанси да се изјасните како Македонец“.
Европската унија со години ја притиска Албанија конечно да направи попис од кој ќе се види реалната етничка структура во земјата, но ако се оствари ова што се најавува, Брисел ќе има уште една причина да ја кочи и натаму апликацијата за кандидатски статус на Тирана. |