„Кармина бурана“ в сабота повторно на сцената на МОБ
Поради огромниот интерес за претставата „Кармина бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, која го доби предзнакот хит претстава, Македонската опера и балет организира повторна средба со публиката на 16 октомври (сабота) со почеток во 19,30 часот.
Како што не информираа од МОБ, билетите за претставата се во продажба на билетарницата на МОБ по цена од 300, 400 и 500 ден. Кореографијата и либретото на претставата е на Кан Аслан од Турција, сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, а костимите се на Елена Дончева. Асистент на кореографот е Ана Лусија Фереира од Португалија, а под диригентската палка на Бисера Чадловска настапуваат солистите на Балетот, Александра Мијалкова, Саша Ефтимова, Ивана Коцевска, Дмитро Чеботар (Украина) и Бобан Ковачевски, а како оперски солисти ќе ги видиме Славица Галиќ-Петровска (сопран), Горан Начевски (баритон) и Дејан Стоев (тенор).
Во претставата учествуваат оркестарот и комплетниот оперско-балетски ансамбл на МОБ. (Н.П.) |