Првите мали хидроелектрани ќе ја стабилизираат струјата
Намалување на бројот на испади во локалната електрична мрежа и стабилизација на напонот во регионот на Струга и на Охрид е резултат што ќе го постигнат новите пет мали хидроелектрани во регионот на Охрид и на Струга изградени преку јавно приватно партнерство меѓу „Проаква“ и домашниот инвеститор, компанијата „Фероинвест“. Во реализацијата на проектот со повеќекратно значење се вложени 7,3 милиони евра.
Станува збор за хидроелектричните централи „Белица 1“ и „Белица 2“ во Струшкиот регион и три мали хидроелектрани „Охрид“ 1, 2 и 3 на летничките извори. Вкупната моќност на петте мали хидоелектрани изнесува 3 мегавати. Како илустрација за големината на производството на овие нови обновливи извори, може да послужи податокот дека со неа може да се покријат сегашните годишни потреби од електрична енергија на сите домаќинства во градот Охрид.
„Сите инвестиции во енергетиката, а особено во обновливите извори на електрична енергија, се паметно вложени пари затоа што тие создаваат многукратни придобивки за граѓаните, за локалната заедница и за државата, а притоа не ги загадуваат и не ги трошат природните ресурси“, истакнува Кочо Анѓушев, генерален директор на „Фероинвест“.
Ова е прв пионерски успешно завршен проект со што, практично, почнува реализацијата на домашната и на енергетската стратегија на ЕУ, според која, до 2020 година 20 отсто од електричната енергија треба да се добива од обновливи извори.
Покрај енергетското, овие хидоелектрани имаат и големо значење за снабдувањето со вода за пиење на двата најзначајни туристички центра во земјава. (Ек.Р.) |