Наместо вино, тиквешани ќе прават пиво?
Проектот би го реализирала „Кожувчанка“, која ја има лиценцата на германските сокови „Синалко“
Ангел Данов
Во градот на грозјето и виното, во центарот на Тиквешијата ќе никне пиварница. Инвестицијата ќе биде на пиварницата „Акциен Брауерај“ од Баварија, а иницијативата е на градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов. Ова беше обелоденето на прес-конференција во Кавадарци. Активностите веќе се започнати, а градоначалникот вели дека на ваква идеја дошол бидејќи две години активно учествувал во менаџирање на проблемите со хиперпродукцијата на грозје.
„Во центарот на Тиквешијата ќе се отвори пиварница, и тоа од најголемиот пивски регион во Германија, Баварија“, најави кавадаречкиот градоначалник. Тој ги остварил првите контакти со македонскиот конзул во Германија, кој по потекло е од Кавадарци, и Германците веќе се во посета на Кавадарци.
Како што е најавено, кавадаречката компанија „Кожувчанка“, која во изминативе години работи со лиценца за производство на германските сокови „Синалко“, ќе започне со дистрибуција на пиво, а дали идејата за пиварница во Македонија ќе се реализира, ќе покажел пазарот.
Главниот акционер во германската пиварница и иден конзул на Германија во Македонија, Петер Ралф Штрицл, не можеше да каже точно кога би започнала инвестицијата, но потенцираше дека доаѓаат како инвеститори и дека во рамките на идната соработка ќе се обиделе да донесат и други инвестиции во Македонија. Штрицл е оптимист дека преку кавадаречката фирма „Кожувчанка“ би можеле да го прошират својот бизнис, бидејќи таа ги имала сите предуслови за отворање пиварница. За него не е спорна замената на производството на вино со пиво, иако тој лично верува македонското вино е едно од најдобрите во Европа.
Сопственикот на „Кожувчанка“, Митко Јанчев, е оптимист дека проектот со германскиот партнер ќе им успее и ќе произведуваат квалитетно пиво во Кавадарци. „Ние како компанија ќе направиме се' што е неопходно за да го пласираме тоа пиво на македонскиот пазар“, рече Јанчев, кој инаку е и лозаропроизводител, сопственик на над 30 хектари лозов насад и кој нагласува дека тоа никогаш не би значело потценување на грозјето во однос на пивото. „Ќе направиме добри предуслови за работа, односно добра подлога за да бидат Германците сигурни во инвестицијата. Мое лично мислење е дека за една календарска сезона за пиво би постигнале одлични резултати“, додаде првиот човек на “Кожувчанка“.
Отворањето пиварница во лозарски крај отвора многу прашања. Дали лозарите, кои моментално масовно ги копачат лозјата поради хаосот во лозарството и немањето соработка со винарските визби ќе се зафатат со производство на јачмен за да ги снабдуваат потребите на пиварницата или, сепак, ќе опстојат на вековната традиција за производство на суровина за вино. |