Енергетските потреби во 2011 поголеми за 12 отсто
Вкупната потрошувачка на енергија во 2011 ќе биде поголема за 12 отсто, за 17 проценти ќе се троши повеќе електрична енергија, а за речиси четири пати повеќе природен гас. Домашното производство на струја идната година се очекува да биде зголемено за 19 проценти. Ова е предвидено во Предлог-енергетскиот биланс на Македонија за 2011 година што се разгледуваа на седница на Македонската енергетска асоцијација.
„Согласно со енергетскиот биланс, во 2011 година потребите за увоз на енергија ќе изнесуваат 630 милиони евра, 55 отсто од вкупните потреби ќе се обезбедат од домашни извори, а 45 проценти од увоз“, рече министерот за економија Фатмир Бесими.
Потребите за нафтени деривати ќе се зголемат за околу четири отсто, а нивната потрошувачка за 22 процента, а зголемување ќе има и кај искористувањето на јагленот, од околу 7 отсто.
Според проекциите, идната година се очекува увозот на струја да биде зголемен за седум отсто.
Академик Томе Бошевски оцени дека енергетскиот биланс е квалитетен, издржан и во голема мера усогласен со методологијата од Стратегијата за енергетика, но има големи и нелогични грешки при пресметките не само во потрошувачката на енергија, туку и во загубите, што мора да се поправат.
„За финалната потрошувачка на енергија во 2009, 2010 и 2011 година, кај нето-увозот, има чудни проценти, 43, 54, што не се во согласност со другите цифри. Тоа е последица на погрешното претворање во тера џули“, рече професорот Бошевски.
Загубите, додаде, тешко се определуваат, но апсолутно неприфатливо е дека идната година ќе бидат 26 проценти во преносот и 10 отсто во дистрибуцијата.
ЕЛЕМ и МЕПСО немаат поголеми забелешки на енергетскиот биланс, но бараат од големите потрошувачи реално да ги прикажат потребите за електрична енергија во наредната година.
„Скопски легури наеднаш најавува зголемена потрошувачка, а тоа влијае врз цената. За вакви отстапки од проектираниот биланс, треба да има добро образложение. Лани ЕЛЕМ за цената за дистрибуција во енергетиката имаше негативни финансиски резултати зашто Регулаторната комисија ги зема предвид овие количини, ги дели со трошоците и ние реално имаме проблем“, рече претставникот на ЕЛЕМ.
АД МЕПСО реагираа дека три квалификувани потрошувачи, „Фени индустри“, „Југохром“ и „Скопски легури“, имаат значително зголемување во однос на 2010 година.
Регулаторната комисија ги зема предвид податоците од енергетскиот биланс, кој е само индикативен и не значи дека ќе се оствари, но при контролата на цените во делот на струјата за две години ги есапи исклучиво остварените количини. (МИА) |