Ризиците беа силни, но малите фирми опстанаа
Најголем проблем со кој се соочиле бил обезбедувањето финансиски средства, а за да стигнат до нив ставиле се' што имаат под хипотека
Соња Маџовска
Малите и микропретпријатијата во една од најтешките економски години успеале да опстанат, па и да остварат профит, но за да стигнат до тоа ги истрошиле сите резерви. Тие велат дека најголем проблем со кој се соочиле бил обезбедувањето финансиски средства, па ставиле се' што имаат под хипотека, дури и становите и куќите што ги поседуваат. Сопствениците на малите и микропретпријатијата велат дека сами се снаоѓале како знаат и умеат, без никаква помош од државата, а за нивниот успех вчера на манифестацијата „Претприемач на годината“ беа прогласени за најдобри претприемачи во 2010 година.
„За продажбата на нашите производи тешко наоѓавме финансии, услови има, но треба многу да се ризикува и од многу работи да се откажете“, вели Петар Атанасовски од ДИЕМ-ГП од Гевгелија, фирма што се занимава со преработка на овошје и зеленчук, а освен на домашниот пазар, на кој имаат специјализирани маркети за своите производи, нив успешно ги пласираат во сите соседни земји, потоа во Швајцарија, Австралија.
И газдата на „Мирана“ од Велес, Зоран Мирсинов, исто така, од прехранбената индустрија, вели дека годинава успеале да се најдат меѓу најдобрите претприемачи, со тоа што целата ланска добивка ја реинвестирале во развој. „Сите се соочуваме со проблеми. Нашата цел ја постигнавме со тоа што ја реинвестираме целата своја добивка, па така немавме финансиски проблем, а повеќе се насочивме кон стратегијата за развој за да ги следиме состојбите на пазарот“, изјави Мирсинов. И тој се жали дека долгови имало и ќе има меѓу фирмите, а решение за тоа гледа во изборот на партнери со кои се соработува. Тој вели дека е најдобро да се имаат за партнери оние што плаќаат навреме, а не оние што се влечат со месеци. „Тоа зависи од изборот на партнерите. Секогаш сме имале такви што не плаќаат, ги имаме и сега, така што не можам да кажам дека токму оваа година беше најтешка во тој поглед“, вели Мирсинов.
Младиот тим во групацијата „Синапс“ од Скопје истакна дека годинава, главно, работеле за домашниот пазар, за разлика од претходните години кога биле присутни и надвор. „Најважно е во време на криза претприемачите да се насочат кон тоа што најдобро знаат да го работа��. Не преземавме некои големи ризици ниту, пак, инвестиравме, се трудевме производите што и досега ги нудиме да ги направиме уште подобри за постојните клиенти. Не велам дека немавме и тешки предизвици. Еден дел од нашата продукција, која работи за Ирска, резултираше со пад на нарачките, што се почувствува врз нашата работа и моравме да се свртиме исклучиво кон македонскиот пазар. Сега мислам дека и таму работите се стабилизираат“, вели Филип Арсов од „Синапс“.
Уште потешко до банкарските пари годинава доаѓале фирмите што се занимаваат со услужни дејности. „Најголем проблем се финансиите, со оглед на тоа што се занимаваме со услуги, а не со производство, така што уште потешко доаѓаме до нив. Значајно е и во тешки години да се инвестира, дали капитално или во нови работни места, но најважно е да се подобри квалитетот на услугите, мислам дека тоа е клуч за успехот“, смета Бојан Пановски, еден од сопствениците на спортскиот центар „Форца“. Стоматологот Ивица Луканоски се пожали на строгиот и конзервативен однос на банките, но и на високите камати.
„Тешкотии имавме со обезбедувањето кредити, за набавка на опрема, околу обезбедувањето гаранции, високите камати. Успеав да земам мал кредит со големи гаранции, ставајќи го станот под хипотека, но, сепак, успеавме да го затвориме финансискиот круг“, смета Луканоски. Фирмите-претприемачи за 2010 година се пофалија и ги кажаа предизвиците со кои се соочиле годинава. Министерот за економија, Фатмир Бесими, пак, призна дека државата многу не им помогнала за полесно да ги надминат проблемите. Според него, од буџетот се издвојуваат скромни средства за поддршка на овој сектор, што не е доволно за поттикнување на развојот. За оваа намена годинава биле одвоени пет милиони евра од буџетот, заедно со агенциите и министерствата за економија и за труд и социјала. „Во рамки на Министерството буџетот е скромен, ако се гледа само таа програма сигурно дека тоа не е доволно за малите и за средните претпријатија. Но, има мерки и во другите институции што им помагаат со своите програми на овие фирми“, изјави Бесими. Тој смета дека малите и микрофирмите покажале дека може успешно да справат со економската криза. Инаку според податоците од Централниот регистар за минатата година, регистрирани се 44.567 микропретпријатија во земјава, 16.179 мали, 516 средни и 192 големи компании. А овие податоци покажуваат дека 99 отсто од фирмите во земјава се мали и микрофирми.
Наградени претприемачи за 2010 година
Младиот тим на дигиталната агенција „Синапс“ групацијата од Скопје е добитник на првата награда во категоријата микропретпријатија, а втората награда ја доби стоматологот Ивица Луканоски. Во категоријата мали претпријатија првата награда ја доби Зоран Мирсинов, газда на претпријатието „Мирана“ од Велес, кое се занимава со прехранбена дејност.
А со втора награда се закити спортскиот центар „Форца“ од Скопје. Специјална награда доби ДИЕМ-ГМ од
Гевгелија, за производно претпријатие со одржлив развој. Селекцијата за „Претприемач на годината - 2010“, организаторите ја направиле врз основа на растот на бројот на вработени, вкупните приходи и инвестициите што ги направиле овие мали и mикропретпријатија. Главни организатори се Сојузот на стопански комори, Македонската развојна фондација, Стопанската комора на северозападна Македонија и Центарот за развој на претприемачи и менаџери, како и други бизнис-асоцијации, институционален покровител на манифестацијата е Министерството за економија, а еден од медиумските покровители е и „Утрински весник“. (С.М.) |