Струјата поскапува за 6,36 отсто?
Регулаторната комисија ќе ја донесе официјалната одлука наредната недела
Многу веројатно дека струјата ќе поскапе за 6,36 отсто. Според анализите за остварените реални трошоци и поднесените барања од осум компании, Регулаторната комисија за енергетика вчера ја најави новата цена на електричната енергија, која ќе важи од 1 јануари 2011 година.
Според претседателот на Регулаторна, Димитар Петров, зголемувањето на цената се должи на зголемените трошоци што ги пријавиле во своите извештаи енергетските компании. Тој на вчерашниот брифинг посочи дека се обработени сите барања на компаниите, дека подготвителната седница ќе се одржи утре, а пет дена потоа ќе следува конечната одлука за новата цена.
Согласно со Правилникот за начинот и условите за регулирање на цените на електричната енергија за 2011 година, барање поднеле осум компании, информираа од РКЕ. Тоа се: „ЈП Стрежево“, ТЕЦ „Неготино“, „ЕЛЕМ – Производство“, МЕПСО, „ЕЛЕМ дистрибуција и снабдување“, „ЕЛЕМ енергетика и дистрибуција“ и „ЕВН снабдување“.
„Најмногу, 6,36 проценти, доби ЕВН, 5,11 проценти МЕПСО и 1,72 проценти зголемување се за ’ЕЛЕМ производство‘. ’ЕЛЕМ енергетика‘ доби 8,63 проценти зголемување на цената за потрошувачите во Железарница“, рече Петров.
Нови цени ќе има и за парното. Регулаторна в петок ќе одржи подготвителна седница за новата цена на топлинската енергија. Според Петров, барање за зголемување на цената на парното поднеле „Топлификација производство“, „Топлификација дистрибуција“, трите снабдувачи Исток, Запад и Центар, Скопје Север и „ЕЛЕМ енергетика“.
„Според досегашните обработени по��атоци, ќе има минимално зголемување од 0,6 отсто на крајната цена на потрошувачите што ќе се снабдуваат од Исток, Запад и Центар, ќе има намалување на цената кај потрошувачите од Скопје Север за 1,5 проценти, а и кај ’ЕЛЕМ енергетика‘ не очекуваме драстично зголемување на цената“, посочи Петров.
Минималното зголемување на цената на парното е резултат на високите температури во изминатите два месеца и заштедата на енергија во тој период, што се рефлектира со намален трошок за наредната година за компаниите. (М.Т.) |