Серена Вилијамс: Јас сум горда жена и признавам кога грешам
Американката јавно се извини за однесувањето во полуфиналето против Клајстерс
Серена Вилијамс изјави дека не се сеќава што точно и рекла на линиската судијка за време на мечот со Ким Клајстерс. Таа, сепак, и си извини на судијката, на Клајстерс, на Американската тениска асоцијација и на своите фанови. Вилијамс изјави дека сака да и се извини лично на линискиот судија, но не знае каде да ја најде.
„Би сакала да ја загрлам“, рече Серена Вилијамс. Таа својата изјава ја започна со извинување поради своето “непримерно однесување“.
„Јас сум многу горда жена, со голем интегритет и признавам кога грешам. Сакам на сите млади да им посочам дека се однесував многу неприкладно и дека такво однесување не се толерира, ниту кога победуваш, ниту кога губиш, во било кој спорт“, изјави Вилијамс.
На конференцијата за печатот, по освоениот трофеј во женски двојки (заедно со својата постара сестра Венус Вилијамс) Серена одговараше на прашањата во врска со полуфиналниот меч со Ким Клајстерс.
„Мислам дека не ја допрев линијата. Но, судијата само си ја вршеше својата работа, во тој момент, веројатно најдобро што можеше. Реагирав бурно, во афект. Тоа беше важен меч, полн со акција. Јас не се сеќавам на неколку поени од финалето во двојки, а камоли на мечот со Клајстерс“, додаде помладата сестра Вилијамс. Венус Вилијамс застана на страната на својата сестра и се обиде да го оправда нејзиното однесување. „ Знаете сите ние сме луѓе, а луѓето грешат“, изјави Венус.
По извинувањето, Серена Вилијамс доби поддршка од бројните фанови, а и нејзините спонзори беа задоволни. „Серена јавно се извини затоа што дозволи емоциите да ја совладаат. Компанијата „Најк“ ја поддржува Серена и очекува таа да продолжи со извонредната кариера“, изјави портпаролот на „Најк“, Дерек Кент.
|