Србија загуби од Турција, ама помина во четврт-финале
Репрезентацијата на Србија беше поразена завчера вечер од Турција дури по продолжението со 69:64, но благодарејќи на победата на Шпанија над Литванија и Словенија над Полска, нашиот северен сосед веќе се пласираше во четврт-финалето.
Солидните четири четвртини, во кои и двете репрезентации имаа свои периоди, завршија драматично. Турција имаше три коша предност, но Теодосиќ постигна тројка од осум метри. Во последниот напад Туркоглу под кошот од одбојка го прати баскетот во кошот на Србите, но снимката покажа дека тоа го направил неполна неколку стотинки по истекот на времето, па следеше продолжение. Во нив Србија беше тотално загубена и не успеа да постигне ниту еден кош. Клучниот момент беше личната грешка во напад на Крстиќ на 2,5 минути до крајот. Потоа и Величковиќ загуби топка, а Турците со кош од игра и две слободни фрлања избегаа на недостижни 69:64. Најефикасни кај Србите беа Теодосиќ со 16 и Величковиќ со 12 коша, додека кај Турците тоа беа Илјашова со 22 поена и Ашик со 12.
„Многу тежок натпревар. Жал ми е што загубивме, но треба да ги кренеме главите и да одиграме максимално против Литванија, што ќе ни донесе подобра позиција во четврт-финалето“, изјави центарот на Србија Ненад Крстиќ.
Најдобриот кај Србите, Теодосиќ, кажа дека поразот боли, но дека екипата не може да тагува. „Тотално деконцентрирани влеговме во продолжението. Имавме последен напад да го решиме мечот во регуларниот дел. Но, за жал не успеавме“.
Според обложувалниците ШпаниЈа и натаму фаворит
Интересно, Шпанците и покрај неубедливите игри на ЕП и натаму важат за главни фаворити за титулата. Коефициентот за По Гасол и другарите е 2,5, Грција е на второто место со коефициент 3, додека Франција е трета со 5. На Македонија и се даваат најмали шанси за освојување на златниот медал - коефициентот е 540.
Шпанија завчера лошо го почна мечот со Литванија. Ја загуби првата четвртина со 24:15, но потоа покажа зошто е фаворит на ова ЕП. Во седумте уводни минути на втората четвртина Литванија остана без поен, а тоа Шпанците го искористија за водство (имаа серија од 23:0) од 38:24. Потоа само искусно си ја одржуваа предноста за победа од 84:70 и пласман во четврт-финалето.
Резултати од групата Ф
Шпанија - Литванија 84:70, Словенија - Полска 76:60, Србија - Турција 64:69
Табела: Турција 4:0, Словенија 3:1, Шпанија 2:2, Србија 2:2, Полска 1:3, Литванија 0:4.
Денеска на програмата
Литванија - Србија (15,45 ч.), Полска - Шпанија (18,15), Турција - Словенија (21). |