05.10.2011, 16:45 Едиторијал
Со оружје на училиште
Гојко Ефтоски
Во Тетово се случи уште еден вооружен инцидент меѓу ученици. Овој пат со смртни последици. Убиено е момче на 17-годишна возраст, ученик во средно образование. Убиец е негов соученик од истото училиште, на иста возраст. Причината е банална.
Двајцата ученици кои учеле во трета година средно училиште, се скарале на влезната врата:убиецот бил дежурен, а кога наишол убиениот, часот бил веќе започнат - дежурниот не му дозволил да влезе во училиштето додека не заврши часот што е во тек. Тинејџерите меѓу себе си упатиле и навредливи зборови. Оваа атмосфера се пренела и по завршувањето на часовите. Повторно се сретнале на просторот пред Домот на културата во Тетово и пак се заострила меѓусебна реторика. И тогаш убиецот, инаку од скопска Радуша, употребил пиштол и го застрелал својот генерациски соученик.
Значи ученикот бил вооружен со огнено оружје, подготвено за употреба. За жал и го употребил прекинувајќи му го животот на својот врсник и соученик.
Ова е само последен во низата случаи, кој покажува дека ученици со оружје одат во училиштата и шетаат по улици. И не само огнено оружје, како што е случајот со последниот инцидент. Во чантите на учениците се наоѓаат и други оружја особено ножеви, метални боксерици, метални пендреци на расклопување, за кои велат дека добро се маскираат меѓу книгите во чантите на учениците. Во повеќето случаи, за жал, и се употребуваат.
Според официјалната статистика на надлежен орган, само во изминативе месеци на тековната година во тетовско-гостиварскиот регион, за кој е надлежен Секретаријатот за внатрешни работи од Тетово, се регистрирани 18 вакви случаи, оквалификувани како физички напади во кои бил нарушен јавниот ред и мир. Според оваа иста статистика, минатата година биле регистрирани дури 24 тепачки меѓу ученици со употреба на разни оружја што учениците ги носат со себе.
Уште една статистика во врска со овие и вакви физички напади и пресметки меѓу учениците: и во тетовско и во гостиварско инцидентите се повторуваат во речиси исти средини. Во училиштата и органите задолжени за образованието велат дека училиштата ги обезбедуваат овластени агенции кои се тренирани да спречат вакви инциденти. Сепак, инцидентите се случуваат.
Упатените во сферата на образованието тврдат дека во работата со учениците, речиси целосно е изоставена воспитната дејност. Малку или воопшто не се работи во училиштата, а со семејствата се' е оставено на случајност. Недоволно се применуваат форми на средби со родителите, или ги повикуваат само кога ги кажуваат училишните оценки. Недоволно се вклучени и други стручњаци кои треба да поттикнат поголема трпеливост меѓу учениците.
Ниту пак се водат кампањи за опасноста од носењето оружје, што патем е забрането и со закон. Оттука и мислењето на луѓе од образованието дека последниве години воспитанието е наполно запоставено.
Убиството на средношколецот Леутрим Пајазити од тетовското село Слатино уште еднаш предупредува дека се неопходни повеќестрани воспитни и дисциплински мерки и реорганизирање на воспитно-образовниот процес. Можеби некому потегнувањето оружје, особено кога е на млади години, му изгледа и како јунаштво, но вистинските последици доаѓаат подоцна. Бесконечно бегство пред полицијата, затворска казна и засекогаш уништени животи. Нема потреба да кажуваме дека државата е таа што треба да се вмеша да запре оваа црна статистика. |