Утревечер „Лајк“ со ликови од „Фејсбук“
Во театарот Центар - МНТ утревечер со почеток во 20 часот премиерно ќе биде одиграна мултимедијалната претстава, танц - театар „Лајк“, копродукција меѓу балетското студио „Ребис“ и МНТ.
Интернет-комуникацијата, феноменот на „Фејсбук“, човечкото отуѓување како последица на дигиталната комуникација и односот помеѓу нашата реалност и виртуелниот свет, е тема на оваа претстава, чија цел е премостување на бариерите, како што го прави тоа и интернетот.
„Лајк“ е сочинета од актерска игра, физички театар, видео арт, како и танц, а дел од сцените се музички нумери кои ќе бидат изведени во живо со кореографија.
Ликовите во претставата се жени, девојки, тинејџерки, од широката лепеза на ликови кои се среќаваат на „Фејсбук“, а музиката е избор од современа рок, џез и електронска музика, како и од дела од класичната музичка литература.
Кореограф и режисер е Гордана Деан Поп-Христова, а ќе играат Драгана Босниќ-Миленковска, Нина Деан, Ема Величковска, Андријана Атанасова и Татијана Адам.
Автор на дизајнот на претставата и на видео-артот е ликовната уметница Билјана Василева, а костимограф Елена Лука.
Во склоп на премиерата во холот на МНТ ќе биде претставена и изложба на 30-тина цртежи од ликовната уметница Билјана Василева ,кои се надоврзуваат на истата проблематика и ја обработуваат преку друг медиум, но со истиот сензибилитет. (К.Б.) |