Прв Балкански анархистички саем на книга во Скопје
БАСК е манифестација што се организира на регионално ниво
Невена Поповска
Викендов во Младинскиот културен центар во Скопје се одржува шестиот Балкански Анархистички Саем на книга (БАСК). БАСК е манифестација која се организира на регионално ниво, а основната водечка идеја на манифестацијата е Балкан на ��олидарност и мир, наспроти Балкан на национализам и експлоатација.
БАСК досега се има одржано во Љубљана во 2003 година, во Загреб во 2005 година, во Софија во 2008 година, во Атина и Солун во 2009 година и во Зрењанин минатата година.
Саемот е отворен за сите заинтересирани посетители. Денеска ќе може да се посети од 11 до 20 часот, а утре (недела) од 11 часот до 17 часот. Влезот е слободен.
На вчерашното отворање покрај претставувањето на учесниците беше промовирана книгата „Абраксасов водич низ документарен филм“ од Бојан Панџа, издание на Центарот за либертерски студии од Белград. За денеска напладне предводено е да се одржи дискусија на тема: „Улогата на анархизмот и анти-авторитарната левица во студентските движења“, во 15 часот ќе се говори за: „Моменталната состојба во Грција“, а на трибината во 16:30 часот тема на дискусија ќе биде: „Глобална криза: производство на очај“. Во 18 часот ќе биде презентиран „Но Бордерс кампот“ од Бугарија.
Дискусиите ќе продолжат и во недела и тоа напладне ќе се говори на тема: „Анархизмот и меинстрим медиумите“, додека во 15 часот тема ќе бидат „Заедничките балкански кампањи против национализмот, кризата на капитализмот, нуклеарна енергија“.
Настанот се реализира во организација на Анархистичкиот Фронт заедно со други анархистички групи и поединци од Балканот. Тие сметаат дека во изминатите години, народот на Балканот ги искуси бруталноста на војната, национализмот, фашизмот и мерките на ММФ. Тоа претставува реконструкција на капитализмот во своето најдобро издание и оттука потребата Балканот да се трансформира во еден простор за борба, антинационализам и солидарност. И бидејќи според нив, Балканот не е минато, туку е иднина на Европа, потенцираат дека војните на територијата на поранешна Југославија не се „последни војни во 19 век“, туку прва јасна манифестација на деструктивни содржини на капиталистичките односи, за кои воведувањето на истите тие војни дало покритие од непроценета важност. Во иднина деструктивноста на капиталот ќе се манифестира во разни форми, кои во голема мера ќе зависат од локалните карактеристики, како постоењето на вештачки создадени социјални поделби, но едно е сигурно: ќе биде брутално. Балканот бил меѓу првите цели на првата фаза на неолибералниот напад на глобалниот капитал: сите облици на колективна акција што постојат надвор од капитализмот се речиси целосно уништени, а под знамето на национализмот успешно се воведени нови поделби.
На Саемот ќе може да се најдат теориски и филозофски книги, антиглобалистички, анархистички...најверојатно сите од странски автори бидејќи досега на македонски нема преведено ниту една книга со целосно анархистичка тематика, ниту некој автор ја продлабочил темата на академско рамниште.
Што е „анархизам“ и „анархија“? Постојат повеќе дефиниции, како: безвластие, недостаток на закон и авторитет во општеството, неред, хаос... Истовремено самиот анархизам се објаснува како политичка струја на неприфатливи идеи, што е разбирливо поради контекстот на времето на тоталитарната комунистичка власт во која биле објавени публикацииите кои на овој начин ги објаснуваат поимите. Се разбира ниту доаѓањето на парламентарната демократија, која во западниот свет е присутна повеќе години не донесе значителни промени во самата интерпретација или користењето на овие зборови, па и денеска честопати се среќаваме со користење на овие поими како синоним за насилство, хаос и слично. Но тоа е сосема погрешно значење. Самиот збор „анархија“ доаѓа од грчкиот јазик и значи „не“ и „власт“. Ваков буквален превод можеби не го опишува најдобро значењето на зборот и можеби е подобро да се каже потполно отсуство на власта и авторитетот. Зборот „анархизам“ настанал како назив за политичка идеја и филозофија која гравитира кон анархија и се користи од почетокот на 19 век, па се до денес.
А кои се анархистите и анархистките? Било кој. Ти, јас, тие, ние... Групите и личностите кои сакаат да се идентификуваат со анархистичкото движење и кои делуваат во таа насока. Не постои посебен критериум што го одредува тоа, ниту јасно зацртано правило што некого го прави дел од анархистичкото движење. Анархизмот е општествена идеја и како таква е применлива за целото општество без оглед кој каде се наоѓа. Сепак, постои нешто сосем јасно и само по себе разбирливо, бидејќи односот на моќта во општеството го одредува и фактот дека политичката и економската елита нема сама себе си да си одреди откажување од моќта што ја поседува, па така нема да биде дел од анархистичкото движење, кое ја оспорува таа моќ.
Идејата за постоење на Балканскиот Анархистички саем на книгата настанала според примерот на бројните вакви манифестации во светот, кои веќе имаат долгогодишна традиција на постоење, на илјадници посетители и во средините каде што се формирале претставуваат важно место за средби, како на локално така и на меѓународно ниво. |