Црно-бела носталгија на „Браќа Манаки“
Мотото на 32. фестивал „Продолжи да гледаш“ е инспирација и за годинешните официјални постери на фестивалот
Сунчица Уневска
Триесет и второто издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 15 до 21 октомври. Тоа на завчерашната прес-конференција го објави директорката на фестивалот, Ла��ина Митевска, додавајќи дека фестивалот продолжува по веќе трасираниот пат од лани, кој се покажа како исклучително успешен.
„Одекот за фестивалот од година в година е се поголем надвор од нашите граници и во филмските кругови се повеќе расте неговиот углед. Ние веруваме дека се поуспешно ја внесуваме Македонија на светската мапа на културни случувања“, изјави Митевска во присуство на главниот извршен директор на Вип-оператор, Никола Љушев, како официјален партнер на фестивалот.
На првата прес-конференција по повод претстојниот фестивал беа презентирани новото мото на фестивалот и официјалните креативни решенија. „Продолжи да гледаш“ е мотото кое е инспирирано од самите почетоци на филмската уметност, која и започнува како резултат на љубопитноста и на желбата да се освојат нови светови. „Мотото ‘Продолжи да гледаш’ порачува да се гледа, да се остане отворен за нови сознанија, да се апсорбира и да се чувствува светот околу себе“, рече Митевска.
И новите креативни решенија односно официјалните постери на фестивалот, кои како и претходните две години ги изработи агенцијата „Футура“, се инспирирани од ова мото, но и од желбата да се направи нешто ново и поразлично. Една дама која ѕирка низ прозорецот и едно дете кое продолжува да гледа и да го бара недофатливото. Постерите Митевска ги опиша како една црно-бела носталгија и како почит кон филмската уметност.
Мора да се каже дека овие две сосем поинакви решенија од претходните години веќе најавуваат и еден поразличен поглед. Годинава стожерот на фестивалот, секако, останува ист, но има и понекои новини.
Така, покрај главната и краткометражната програма кои се натпреварувачки, од оваа година се воведува награда и во програмата „Нови визии“, која ќе го има своето трето издание. Лани во оваа програма наградата на градот ја доби филмот „Адриен Пал“ па така од оваа година ќе биде и понатаму. Во „Нови визии“ ќе се доделува наградата на градот Битола за која ќе одлучува тричлено жири составено од уметник, новинар и претставник на градот. Оваа програма и Документарната програма, како што рече Митевска, наидоа на одличен одѕив од страна на публиката, а особено на младите и овие две програми треба и натаму да се поддржуваат и да одат напред.
Новини има и кај Детската програма која беше иницирана од страна на Вип-операторот. Оваа програма лани помина одлично иако се одржуваше во шатор пред самиот Дом на културата во Битола. Оваа година Детската програма влегува внатре и ќе се одржува секојдневно во малата сала, со средби, разговори и други изненадувања.
Од денеска е отворена и новата веб-страница на фестивалот www.manaki.com.mk , а исто така и конкурсот за „Манаки сценаристичкото катче“, кое се одржува во соработка со холандската амбасада. Како што со жалење нагласи Митевска, најмалку пријави во изминатата година имало од страна на Македонија. Таа упати апел до сите кои имаат првична верзија на сценарио да се пријават на овој конкурс и да ја искористат можноста да го издигнат на повисоко ниво, соработувајќи во текот на фестивалот со стручни лица од оваа област. Митевска рече дека рецесијата многу се одразила на филмската индустрија и дека е се потешко да се стигне до фондовите. Еден од најважните и пресудни начини е да се има добро сценарио.
Инаку, во Битола на годинешниот фестивал е поканета и француската агенција „Космик“. Со оглед на тоа што во нашата земја немаме концепт на агенти, кои и најчесто ги врзуваме за актерите, сега „Браќа Манаки“ ќе се обиде да го направи тоа за директорите на фотографија и за сценографите.
Покрај поддршката на Општина Битола и на Министерството за култура, Лабина Митевска додаде и дека секој голем фестивал има сериозен партнер, како што овде е операторот Вип. „Ова партнерство, изјави Митевска, придонесе да се подигне професионалното ниво на фестивалот, естетски, организациски и во поглед на маркетиншкиот дел“. А извршниот директор Никола Љушев додаде дека угледот и сериозноста на уметничкиот фестивал, како и реакциите покажаа дека сме на вистинскиот пат. Тој изјави и дека квалитетот на програмата, реализацијата и атмосферата на фестивалот, а особено Детската програма се во целосна согласност со нивните заложби за доближување на вистинските вредности до сите. И на крајот, како што беше најавено, официјалната програма на фестивалот ќе биде објавена во септември. |