Со „Хамлет“ отворен 46. фестивал „Чернодрински“
Моника Талеска
Синоќа во Прилеп на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков„ се крена завесата на 46. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Пред љубителите и почитувачите на Талија, свечено им беа доделени наградите за животно дело на годинешните лауреати:режисерот од Драмски театар, Коле Ангеловски, кој годинава одбележува петдецениски јубилеј од својата ��воречка работа и двајцата актери на Прилепскиот театар, Благоја Спиркоски и Трајче Иваноски. „Оваа награда ја чувствувам како признание за еден минат труд, кој го градевме 45 години. Многу сум горд во овој момент што се викам Трајче Иваноски, бидејќи јас сум дел од камен-темелникот на театарот „Војдан Чернодрински“ кој што последниве години е на врвот на театрите во Македонија и надвор од неа“, изјави лауреатот Иваноски.
А честа да го отвори официјалното фестивалско случување го имаше Драмски театар со изведба на претставата „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Дејан Пројковски. Во конкуренција за престижните награди ќе се натпреваруваат и уште 10 други претстави од македонските театри.
Вечерва ќе биде ансамблот на градот домаќин, којшто ќе ја изведе претставата „Антица“ од Ристо Крле, во режија на Бранко Брезовец, а од 22 часот, на сцената од Центар за култура, битолскиот Народен театар ќе ја изведе „Обична приказна“ од Марина Ладо, под режисерска палка на Љупчо Ѓорѓиевски.
Во недела ќе бидат изведени исто така две претстави во конкуренција, „Нора Ибзен“ во режија на Никола Ристов, во изведба на велешкиот театар, а турскиот театар од Скопје ќе ја изведе „Арапска ноќ“ од Роланд Шимилдсинг, во режија на Слободан Унковски.
Следниот ден меѓу другите ќе се натпреваруваат албанскиот театар со проектот „Оркестар“ од Жан Ануи, во режија на Наташа Поплавска и битолскиот „Мал драмски театар“ со „Спиноза“ од Гоце Смилевски, во режија на Зоја Бузалковска.
А, кои се најдобри меѓу најдобрите ќе одлучи жири-комисија во состав: Лилјана Мазова, Петар Мирчески и Веби Керими.
Ова издание на МТФ што традиционално се одржува во Прилеп е посветено во спомен и чест на патронот Војдан Чернодрински, во година кога се одбележуваат 6 децении од неговото упокојување. „Ќе се одржи симпозиум за творештвото на Чернодрински, промоција на три драмски текста од конкурсот на МНТ, изложби, во таа чест ќе биде проектиран филмот „Македонска крвава свадба“ и сите содржини годинава му ги посветуваме на споменот на 60 години од упокојувањето на Војдан Чернодрински. Мислам дека тоа е доблесно и дека е наш долг и љубов и благородна задача е да го исполниме тој долг“, истакна Темелкоски. Во рамки на придружната фестивалска програма ќе бидат изведени 7 претстави.
Фестивалското случување завршува во четврток кога во чест на на наградените ансамблот на МНТ ќе ја изведе претставата „Ромео и Јулија“.
|