Економијата да застане на нозе со заштеди и ММФ
Фондот ќе го мониторира трошењето пари, но и тоа е подобро од скапо зајмување со еврообврзница
Сања Наумовска
Закрепнувањето на македонската економија мора да се заснова на домашната заштеда и на домашните ресурси. Потребно е вложување во крупни инфраструктурни проекти во кои ќе бидат ангажирани домашни компании, е ставот на македонските и на странските експерти, што вчера на оваа тема дебатираа на меѓународната конференција што ја организира Економскиот факултет во Скопје.
Според академик Таки Фити, важно е да се оди на крупни инфраструктурни проекти, како што се енергетиката, патиштата, железницата, и притоа да се настојува да биде ангажирана домашната оператива за да може ефектите да бидат поголеми, односно парите да останат во државата.
Тој смета дека може да се земе отворената кредитна линија што неодамна на Македонија и' ја понуди Меѓународниот монетарен фонд и тие средства да се насочат кон крупни инфраструктурни проекти.
Сепак, вели Фити, нема да изостане мониторингот од ММФ, иако не станува збор за класичен аранжман, туку за заем со многу поволни услови.
„Мислам дека и во ваква ситуација, сепак, мониторингот ќе остане, бидејќи ММФ нема да ги даде тие средства, а да не контролира што ќе се случи со буџетот, колкави се буџетските трошоци“, изјави Фити. Средствата од буџетот, смета тој, мора да се насочуваат кон инвестиции во инфраструктурата, а не да се трошат за покривање на тековните трошоци.
„Правилата на економската теорија велат дека никогаш, во услови на рецесија, буџетскиот дефицит не се користи за покривање на трошоците за социјалата или, пак, за платите на администрацијата. Прогрес во вакви ситуации се постигнува со насочување на парите во крупни инфраструктурни инвестиции за кои државата има голема потреба, како што се енергетиката, изградбата на патишта, железницата и друго. Ако овие пари се одлеат надвор од државата за набавка на автомобили, компјутери или споменици и буџетскиот мултипликатор ќе биде нула“, нагласува Фити.
Професорот Трајко Славески порачува дека е пожелно да се земат средствата од заемот, но тие да не се трошат веднаш, туку да се имаат како резерва што би не' направило посилни пред инвеститорите.
„Македонија треба да разговара за заем од ММФ, но прашање е под кои услови, а за што допрва ќе се разговара. Јасно е дека овој кредит не е така евтин. Каматните стапки не се фиксни на 1,3 отсто, туку се зголемуваат за два процентни поена. Ако се надмине 300 отсто од квотата за Македонија и каматната стапка ќе биде до 3,5 отсто“, рече Славески.
Тој додаде дека треба да се финансираат проекти со голема домашна компонента наспроти оние што се финансирани со средства од увоз.
Професорот Младен Тонев од Универзитетот во Варна смета дека регионот ќе почне да излегува од економската криза кога поголемите светски и западноевропски економии ќе закрепнат. „Живееме во време на глобализација и се очекува големите економии први да излезат од кризата и да бидат еден вид локомотива што ќе ги повлече послабите“, вели Тонев. Патната инфраструктура е еден од приоритетните проекти што идната година ќе се финансираат од бугарскиот буџет. „За другите приоритети, како што се гасоводите и втората атомска централа, Бугарија нема можност самостојно да инвестира од својот буџет, па ќе се бараат пари во европските фондови“, појасн��ва Тонев. |