Намалени камати до еден процент
НЛБ Тутунска банка ги намали каматните стапки на неколку кредитни продукти во просек од 0,5 отсто до 1 процентен поен, а ги поедностави и кредитните услови, во однос на обезбедување, жиранти и кокредитобаратели. Најмногу се намалуваат каматните стапки за 1 процентен поен на потрошувачките кредити, таканаречени виолетов и сребрен кредит. „Воведен е и нов кредитен продукт виолетов потрошувачки кредит со девизна клаузула со каматна стапка од 8,4 проценти. А каматната стапка на станбените кредити е намалена за 0,5 отсто и моментно за новоодобрените станбени кредити таа изнесува 6,5 отсто за првите три години. Кај новоодобрени автомобилски и хипотекарни кредити каматната стапка е намалена за 0,4 отсто“, соопштуваат од НЛБ Тутунска банка. Оттаму додаваат дека и натаму продолжуваат со кампањата станбените кредити да се одобруваат со 50 отсто пониски манипулативни трошоци. НЛБ Тутунска банка овозможува и рефинансирање на потрошувачки, станбени кредити и кредитни картички од оваа и од други банки. (Ек.Р.) |