Јавниот сектор подраг од сопствен бизнис
Нашите луѓе најчесто сакаат да се вработуваат во државниот сектор, јавната администрација или во добро развиени приватни фирми, наместо да отвораат сопствени бизниси. Претприемаштвото има токму таква тенденција да се стимулира и поддржи секоја добра бизнис-идеја до нејзина практична реализација преку избегнување или минимизирање на ризиците, беше истакнато на вчерашната прес-конференција по повод претстојната Глобална недела на претприемништвото што ќе се одржува од 15 до 21 ноември.
Креирањето успешен македонски бренд, улогата на жените во развојот на претприемништвото, корпоративната одговорност на компаниите и ширењето култура на антикоруптивно однесување меѓу младите претприемачи ќе бидат во фокусот на настанот. „Доминантна тема ќе биде општествената одговорност која не е на соодветно ниво во државата“, истакна Александра Стоилковска, декан на Факултетот за претприемачки бизнис при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје кој е и покровител на Глобалната недела на претприемаштвото. Глобалната недела на претприемаштвото годинава ќе се одржува во 88 земји од светот, меѓу кои и Македонија. (МИА) |