1. Декларација за независност - „Белфаст њузлетер“, 1776 година
Весникот објави вест за Декларацијата за независност во август 1776 година, пред да ја видат кралот Џорџ или Парламентот. Тоа беше една од првите ексклузиви во светот. Бродот кој од САД испловил за Лондон со копија од текстот на Декларацијата бил зафатен со големо невреме во близина на ирскиот брег. Засолниште побарал во Лондондери, а Декларацијата со најбрзиот коњ била испратена во Белфаст, каде што била пуштена по друг брод и пратена на кралот Џорџ Трети. Меѓутоа, уредникот на „Њузлетер“ веројатно со посредство на добри врски дошол до драгоцениот документ и го објавил на насловната страница на весникот на 23 август 1776 година. Тоа била невидена сензација која ја издржала проверка на времето. Копијата на таа насловна страница и ден-денес е многу барана.
2. Вотергејт - „Вашингтон пост“, 1972-1973 година
Новинарските ѕвезди на „Вашингтон пост“, Карл Бернстин и Боб Вудворд, со помош на уредникот Бен Бредли и сопственичката на весникот Кетлин Грејам, први ја објавија аферата „Вотергејт“. Се' почна со апсењето на петмина мажи кои провалиле во седиштето на Демократскиот национален комитет во хотел на деловниот комплекс Вотергејт во американската престолнина во летото 1972 година. Следувала истрага со која ФБИ ги довела провалниците во врска со Републиканскиот комитет за реизбор на претседателот Ричард Никсон. Истрагата на Бернстин и Вудворд е овековечена во филмот „Сите луѓе на претседателот“ со Дастин Хофман и Роберт Редфорд во главни улоги.
3. Хрушчовата осудата на Сталин - „Обзервер“, 1956 година
Тоа било феноменална сензација од времето на студената војна. Британскиот „Обзервер“ успеал да дојде до тајниот говор во кој советскиот лидер Никита Хрушчов ги осудува монструозните злосторства на Јосиф Сталин. Тајниот говор беше одржан на конгрес на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз таа година, но во јавноста излегле само делови од него, се' додека Едвард Кренкшо не дошол до комплетниот текст. Целосното издание било распродадено и морало да се печатат дополнителни примероци. Така бил направен првиот расцеп во советскиот информативен монолит.
4. ��оена стварност - „Тајмс“, 1854 година
Вилијам Хауард Расел, кој обично се смета за прв современ воен известувач, поминал 22 месеца пишувајќи за „Тајмс“ од Кримската војна. Цел материјал морал да го праќа по пошта, па оттука настанал терминот „дописник“. Пишувал за јуришот на лесната коњаница, но стекнал слава благодарение на текстовите за условите во кои војувале обичните војници. Иако еден војник од фронтот го опишал како „прост Ирец кој добро пее и пие сечија ракија и вода“, тој влијаел да се промени од корен известувањето од боиштата. Расел пишувал за варварскиот однос спрема ранетите. Револтот на јавноста по неговите сензационални текстови ја натерал владата да го преиспита односот спрема ранетите и имал револуционерен придонес во негата и лечењето на ранетите војници. Расел подоцна известувал за окупацијата на Севастопол, кога ја измислил фразата „тенка црвена линија“.
5. Освојување на Еверест - „Тајмс“, 1953 година
Кога Едмунд Хилари и Тензинг Норгај успеале да го освојат врвот на Хималаите, веста за тоа прв ја објавил Џејм Морис. Уредникот на „Тајмс“, Вилијам Хејли, го поддржал Морис да се придружи на експедицијата и бил награден за неговото сведочење за враќањето на алпинистот од Монт Еверест. Веста за нивниот успех ја испратил во шифрирана порака: „Лоши временски услови поради снег. Стоп. Истурената база е напуштена вчера. Стоп. Се очекува подобрување“. Така весникот прв ја дознал веста која ја чекал целиот свет. Иако многу можат да заклучат дека тоа и не бил некој новинарски успех, со оглед на тоа дека Морис бил во фирмата на Хилари, сепак, тоа било сензација. По некоја среќна игра на случајот, веста била објавена на денот на крунисувањето на кралицата, а Велика Британија имала причини за славење.
6. Разоткривање на „Стандард оил“ - „Маклурз магазин“, 1902-1904 година
Феноменалната Ајда Тарбел спаѓа во најголемите ѕвезди на истражувачкото новинарство од прогресивната ера на политичките реформи во американското општество. Таа открила многу манипулации на американските компании и нивните методи на дејствување во почетокот на 20 век.
Нејзиниот татко бил нафтен претприемач кој бил уништен од тогашниот тајкун Џон Д. Рокфелер. Во 1900 година таа почнала да ја истражува „Стандард оил“, компанијата на Рокфелер, а потоа во серија натписи за „Маклуз магазин“ обелоденила дека односната компанија користи принуда, уцена, шпионирање и подмитување за да ги исфрли конкурентите од бизнисот.
7. Капитулацијата на нацистичка Германија - „Манчестер ивнинг њуз“ 1945 година
Кон крајот на Втората светска војна, најтиражниот локален весник во Британија прв ја објавил веста за крајот на војната во Европа. Сфаќајќи дека борбите се при крај, уредникот Том Хенри од ноќ во ноќ се подготвувал за издание со огромен наслов „Војната заврши“. Неговите детални подготовки се исплателе и кога на крај стигнала агенциска вест за капитулација на нацистичка Германија на 7 мај 1945 година, „Манчестер ивнинг њуз“ ги претекнал сите големи светски весници, бил подготвен и прв се нашол на улиците со веста која долго се очекувала во светот.
8. Буџет за 1947 - „Стар“ 1947 година
На пат за Долниот дом на Парламентот, каде што требало да се поднесе извештај за буџетот, д-р Хју Далтон, лабуристички министер за финансии во првата влада на Клемент Атли, во куса средба на новинар на „Стар“ рекол што се наоѓа во неговата црвена торба. Кутриот Далтон немал поим колку брзо може да се отпечати едно издание на весник, дури и во таа далечна недигитална ера. За само еден час завршила неговата политичка кариера, бидејќи „Стар“ бил во продажба со додадената „најнова вест“ дека Далтон, кој во тој момент не стигнал дури ни да го прочита тој дел од својот говор во Парламентот, побарал поскапување на пивото и воведување данок на трките на кучиња. Следниот ден морал да поднесе оставка, а премиерот Атли го нарекол „тотален мајмун“.
9. Ослободувањето на Мафекинг - „Ројтерс телеграм“, 1900 година
Бурските сили повеќе од седум месеци ги држеле британските војници опколени во градот Мафекинг на северозападниот дел на Јужноафриканската Република. Британците имале чувство на голема гордост поради начинот на кој се бранеле нивните војници. Тензијата пораснала кога неколку недели не пристигнала ниту една вест. Потоа на 16 мај 1900 година Ројтерс јавил: „Официјално е соопштено дека ѕидиштата околу Мафекинг жестоко се бомбардирани, бурските сили ги напуштија своите позиции, а британските сили кои напредуваа од југ го зазедоа градот“.
Пораката била испратена до кралицата Викторија,до принцот од Велс, до Парламентот и до Министерството за војна, кое се' уште немало информации за тоа што се случило во Јужна Африка. Кралицата барала да добие оригинална телеграма, зела пенкало и запишала дека целата вест може да се пушти. Неколку часа подоцна, улиците на Лондон биле преполни со луѓе кои славеле голема победа.
10. Масакрот во Ми Лај - „Плејн дилер“, Кливленд 1969 година
Шокантни слики на запалени села на југот на Виетнам и на илјадници негови жители оставени да умрат прв пат се појавија во „Плејн дилер“ на 20 ноември 1969 година. Тие фотографии кои го свртеа вниманието на целиот свет на тој масакр биле толку страшни што поттикнале прашање дали на нив навистина е прикажано тоа што се тврди. Но, снимките, кои ги направил Роналд Хеберт, наредник на американската војска и човек кој гледал како американската војска ги убива цивилите во март 1968 година, биле веродостојни. На „Плејн дилер“ му служи на чест што продолжил да ги објавува наспроти притисоците од американската војска. За тоа била потребна голема храброст, посебно кога се знае дека станува збор за мал весник. (Блиц)