Кривична пријава за поранешниот директор на битолски „Бетон“
Со пријавата за злоупотреба на службена положба и оштетување на доверители се опфатени уште 11 лица
Битолската полиција поднесе кривична пријава против Т.С.. (45), поранешен генерален директор на битолски „Бетон“ А.Д., за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување и повластување доверители.
Со кривичната пријава, која веќе е доставена до Јавното обвинителството, опфатени се уште 11 други лица, односно членовите на Управниот и на Надзорниот одбор на „Бетон“. Станува збор за лицата: Т.А. (53), С.Ј. (56), Љ.Д. (43), В.С. (51), М.Г. (57), Т.П. (59), Д.Р. (47), В.Ц. (56), Б.Ј. (59), Д.С. (59) и Љ.Ц. (56), инаку поранешен управител на ДООЕЛ „Бетон 5“ и основач на фирмата „Бетон-ком“ од Скопје.
Првите петмина пријавени, според полицијата, постапиле спротивно на законските одредби од Законот за стечај, за трговски друштва и за ратификуваните меѓународни сметководствени стандарди. Тие не поднеле предлог за стечај во законски утврдениот рок со што им била предизвикана штета на доверителите, иако законскиот услов бил исполнет. Ти�� ненавремено свикале акционерско собрание, а како мнозинско друштво кон поврзаниот субјект „Бетон 5“ не изготвиле и не доставиле консолидирани завршни сметки и финансиски извештаи за работењето на друштвото.
Од МВР појаснуваат дека со ваквите незаконските постапки лицата овозможиле прикривање на увидот во паричните текови и трансакции на друштвото, а имотот на друштвото проценето на 253.500.000 денари, со предлагање, донесување и одобрување одлуки, да се одлее кон повластени доверители и на штета на државата, односно кон УЈП, ФЗО, ФПИО и други јавни установи.
Другите шестмина пријавени, инаку членови на Надзорниот одбор, ја злоупотребиле службената положба и овластувањата со неподнесување предлог за отворање стечајна постапка, како и со непреземање должни службени дејства, односно надзор над работењето на компанијата. Членовите на Надзорниот одбор не утврдиле дека настанал услов за отворање стечајна постапка. Тие не утврдиле дека органите за застапување не поднеле предлог за стечај, а не ги провериле и годишните сметки и финансиските извештаи, односно не утврдиле дека „Бетон“не доставува консолидирани годишни сметки и финансиски извештаи до Централниот регистар, а од Управниот одбор не побарале да доставува тримесечни извештаи.
Осомничените иако знаеле дека друштвото е неспособно за плаќање и е во тешка финансиска состојба ги одобриле одлуките на Управниот одбор за отуѓување движен и недвижен имот на битолски „Бетон“. Така, пријавениот Љ.Ц., иако знаел дека во текот на работењето ДООЕЛ „Бетон 5“ го задолжил „Бетон“ за износ од близу 188.000.000 денари, не ја реализирал наплатата на сумата, иако имал можност за такво нешто. И наместо да ја реализира наплатата, осомничениот давал заеми и преземал долгови на „Бетон“, со што овозможил одлевање на средства од „Бетон 5“, а склучувал и фиктивни договори за деловно-техничка соработка меѓу „Бетон 5“ и „Бетон-ком“, каде што се јавува како основач и управител. |