Полицијата заплени 1,5 килограми висококвалитетен кокаин
Кокаинската пратка била испратена од Боливија, одела преку Германија, а крајната дестинација бил Охрид каде што требало да ја преземат наши државјани
Љубиша Станковиќ
Единицата за борба против недозволена трговија со дрога при Одделот за организиран криминал и Царинската управа завчера заплени близу 1,5 килограм кокаин. Акцијата, која е реализирана во соработка со полициските служби на Германија и со СЕКИ-центарот, претставувала спречување контролирана испорака на кокаин на релација од Санта Круз преку Франкфурт, со крајна дестинација Охрид. Станува збор за заплена 1,465 килограми висококвалитетен кокаин. Полицијата цени дека малопродажна вредност на пазарот на наркотици би можела да достигне и до половина милион евра.
Полицијата по реализираната акција, поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против лицата З.У (42), од Охрид, Ф.К. (34) од Велешта и скопјаните Б.П. (29) и В.П. (54), а за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори.
Според документираните сознанија, прибрани во текот на полициската операција, пријавените на почетокот на јануари заради натамошна продажба, од извесно лице Виктор Хуго Салватиера Цеспедес, а кое е наведено како испраќач во испратницата од Санта Крус, Боливија, набавиле 1.465 килограми кокаин. На 9 јануари царинските служби на Германија на Меѓународниот аеродром во Франкфурт детектирале поштенската пратка со која се транспортирал филтер за вода за водна пумпа, а во чија внатрешност била скриена дрогата. Пратката, која одела од Боливија и која требало да заврши во Охрид, требало да ја прими лицето Б.П., но поради откривање на целата мрежа, било договорено испораката да биде контролирана за што биле применети и таканаречените посебни истражни мерки.
Завчера околу 14,50 часот примачот на пратката со такси-возило дошол во просториите на „ТНТ-експрес“ и откако ја подигнал поштенската пратка, планирал да му го предаде пакетот на својот татко В.П. кој, пак, бил паркиран непосредно пред доставната служба. Но, таткото и синот биле уапсени од полицијата, а во близина на Меѓуградската автобуска станица во Скопје од слобода се лишени и лицата З.У. и Ф.К., за кои во истрагата е утврдено дека се нарачатели на пратката и кои по преземањето на дрогата, требало да им ја предадат на непознати лица.
Одделот за Крим-техника извршил увид на самото место и притоа било констатирано дека во поштенската пратка имало филтер за вода за водна пумпа, во чија внатрешност бил сместен предмет со цилиндрична форма со должина од 43 и дијаметар од 9 сантиметри, а кој бил наполнет со кокаин. Од вештачењето било утврдено дека кокаинот бил со чистота од 95 отсто и дека со додавање на други примеси би се добило повеќекратно зголемување на количината.
Четворицата пријавени биле приведени во ПС „Гази Баба“, каде што со нив бил извршен службен разговор, а потоа со кривичната пријава тие ќе му бидат предадени на Јавното обвинителство, односно на истражен судија. |