„Алиса во земјата на чудата“ со ученици од гимназијата „Нова“
На 12 и 13 декември (недела и понеделник) во Драмскиот театар во Скопје учениците од меѓународното училиште „Нова“ ќе и' се претстават на публиката со две креативни изведби. Интересно е дека текстовите за двете претстави, како и сценографијата и костимографијата ги изработија учениците од одделот за уметност, музика, танц и драма.
В недела ќе може да се види претставата „Арапски ноќи“, приказна за милостивиот но несреќен султан, кој ќе се заљубува во прекрасната Шехерезада. Низ песна, танц и глума, учениците ќе ги оживеат приказните за далечните земји и кралства кои Шехерезада му ги раскажува на султанот. Во изведбата ќе учествуваат над 200 деца и цел тим професори.
Истата вечер забавата ќе продолжи со божикен коктел во аудиториумот на новоотвореното основно училиште, што наедно ќе биде и вистинска презентација на разновидна храна од над 40 нации и култури, подготвена од родителите и вработените во училиштето.
В понеделник учениците од гимназијата „Нова“ својата актерска сериозност, талент за пеење, музицирање и танцување ќе ги прикажат низ изведбата на бесмртното дело на Луис Керол - „Алиса во земјата на чудата“. Претставата по којзнае кој пат ќе не' поведе на патешествието на Алиса низ светот кој е апсурден, смешен и нелогичен, но дали крајот ќе биде извесен или учениците подготвиле изненадување, останува да видиме. |