Број 3453  петок, 10 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Култура

Прочуениот Лондонски оркестар вечерва во Скопје

„Вечерашниот концерт ќе биде уживање за сите“, вели Симон Трпчески, кој ќе настапи како солист

Тина Иванова

Лондонскиот филхармониски оркестар, македонскиот пијанист Симон Трпчески и маестро Владимир Јуровски, вечерва на македонската публика, во „Метрополис арената“ во 20 часот, ќе и подарат несекојдневно уживање. По минатогодишното гостување во Скопје на водечкиот руски оркестар „Баљшој“, како и гостувањето на Израелската филхармонија со прочуениот Зубин Мехта пред неколку години, ова ќе биде трет концерт кај нас кој сигурно ќе влезе во аналите како еден од најбитните културни настани во областа на класичната музика.

Лондонскиот филхармониски оркестар, еден од трите најдобри во Лондон и еден од водечките во Европа, Русинот Владимир Јуровски, еден од најбараните млади диригенти на европската музичка сцена, ќе ги изведат Симфонијата бр.5 од Феликс Менделсон и Симфонијата бр.3 од Јоханес Брамс, а заедно со солистот, македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, оркестарот ќе го изведе и Концертот за пијано и оркестар бр.3 од Сергеј Прокофјев. Токму со ова дело, Трпчески неодамна дебитираше на сцената на престижниот њујоршки „Карнеги“, а критичарот на „Вашингтон пост“, по овој концерт, напиша дека „нотите под неговите прсти потекоа како ѕвезди што паѓаат - далечни, а прекрасни“. Инаку, Симфонијата бр. 5 на Менделсон е уште наречена и „Реформаторска“. Напишана е меѓу 1829 и 1830 година по повод 300 годишнината од Реформацијата (верските движења против папството и католичката црква во 16 век). Третата симфонија на Брамс пак, е една од најпопуларните симфонии на авторот. Напишана е во 1883 година и неа особено ја сакала француската писателка Франсоа Саган. Концертот за пијано и оркестар бр. 3 на Прокофјев, го одбележува авторовиот творечки премин кон еден поинаков израз. Звукот на ова дело (1917) е многу посмирен од претходните творби на Прокофјев.

Со вечерашниот концерт, кој е во организација на Здружението за култура и уметност „Културоп“ и Министерството за култура, а во соработка со „Ај-ем-џи артистс“, чиј ексклузивец е и Симон Трпчески, нашиот пијанист ќе прослави 15 години од својот прв настап со симфониски оркестар.

Инаку, со Лондонскиот филхармониски оркестар Симон Трпчески досега настапил повеќе пати, но како што неодамна изјави, посебно го радува фактот што ќе настапи во Скопје, пред македонската публика.

Вчера, по повод гостувањето на Лондонскиот филхармониски оркестар, се одржа прес-конференција на која присуствуваа маестро Владимир Јуровски, еден претставник од оркестарот и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска. Симон Трпчески, поради концертот закажан во Лондон, беше спречен да присуствува на пресот, но во неговата аудиоизјава истакна дека е особено инспириран што ја има честа да биде солист на овој оркестар во неговиот роден град. „Сите што ќе присуствуваат на овој концерт ќе имаат можност да се уверат во ексклузивноста на овој настан. Лондонскиот филхармониски оркестар е еден од најдобрите со Британија и во светот, а шеф-диригентот Јуровски сосема заслужно е еден од најбараните во моментов на светската музичка сцена. Вечерашниот концерт ќе биде уживање за сите, а публиката ќе има можност да ужива во убавиот природен хомоген звук на оркестарот и длабочината и визијата на концептот на делата што ќе бидат изведени“.

Покрај јубилејот 15 години од неговиот прв настап со оркестар, Трпчески вечерва прославува уште еден - десет години од настапот со Лондонскиот филхармониски оркестар. „Симболиката е навистина голема. Не можев ниту да претпоставувам дека ќе имам можност да го одбележам овој јубилеј со заеднички концерт во Скопје со истиот оркестар со кој пред десет години настапив во Лондон. Како и тогаш, и вечерва ќе го свирам истиот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев“, вели Трпчески.

„Среќен сум што со Лондонскиот филхармониски оркестар доаѓам во Скопје прв пат и што ќе настапиме со најдобриот македонски пијанист и мој пријател, Симон Трпчески, со кого сме соработувале повеќе пати досега“, рече диригентот Владимир Јур��вски. „Многу сум возбуден што ќе изведеме дело од Прокофјев, автор кој и на двајцата многу ни значи. Вечерашната изведба во Скопје ќе ја посветиме на неговиот син Свјатослав Прокофјев, кој почина во Париз пред два дена. Можеби малку чудно звучи што Филхармониски оркестар од Лондон доаѓа со програма од германски и руски композитори, но репертоарот на ЛФО, главно, се базира на вакви дела“. За Трпчески, Јуровски рече дека е изведувач со големо И. „Тој е љубопитен музичар кој сака да учи цело време. Да се изведува музика со него е како дијалог со пријател“, вели Јуровски.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, истакна дека Министерството за култура како и досега, и во иднина останува доследно на цврстата определба пред домашната публика да презентира врвни и исклучителни уметнички имиња од светски ранг. „Токму затоа, Владата на РМ и Министерството за култура дадоа голема поддршка за присуството на престижниот Лондонски оркестар, кој заедно со Симон Трпчески ќе ни приреди едно несекојдневно музичко доживување. По минатогодишното гостување на водечкиот руски оркестар на ’Баљшо�� театарот‘ од Москва, кое исто така беше поддржано од Министерството за култура, ова е уште еден голем настан од класичната музика во рамките на петдеценискиот златен јубилеј на најстариот фестивал во земјава ’Охридско лето‘“, рече Канческа-Милевска.

Лондонскиот филхармониски оркестар е формиран пред 78 години и за сиот тој период неговиот висок квалитет е постојано потврдуван со одлични критики ширум светот. Од 1992 година, матична сцена на овој оркестар е „Ројал фестивал хол“.


#
Статијата е прочитана 492 пати.

Испрати коментар

Од: Goran
Датум: 11.12.2010 03:36:59
Bravo Simon!

Најди! во Утрински
Култура
Претставата е важна, таа се памети
Нови книги
„Арапска ноќ“ за јубилејот на Турски театар
Сашо Тасевски објави нови драми во „Култура“
„Алиса во земјата на чудата“ со ученици од гимназијата „Нова“
Годишната изложба на ДЛУМ со 140 автори
 

Bulgaria may apply for euro entry mechanism in 2011, says finance minister
EU applauds Kosovo elections despite reports of serious fraud
End of Croatia's EU accession talks within reach