Нови книги
„Катализатор 33“ Од Ирена Јордановска, „Или-или“, 103 страници
По одличниот успех со романот „Помеѓу“, инаку нејзин деби-роман, кој влезе во најтесниот круг за избор на „Роман на годината“ на „Утрински весник“, овој пат Ирена Јорданова се враќа со пократок, но многу посилен роман од првенецот. „Катализатор 33“ е повторно непредвидлив, повторно моќен како и „Помеѓу“, со препознатливо женско писмо што полека го запечатува своето место во домашната литература, приказна која никако нема да ве остави рамнодушни, бидејќи доаѓа од перото на талентираната млада писателка пред која претстои блескава книжевна иднина.
„Хотел Гранд“ Од Ренато Баретиќ, „Блесок“, 236 страници
„Хотел Гранд“ е делумно потресен роман за растењето и за семејството, делумно лута сатира, делумно напната приказна во која под кујнската крпа се кријат пиштоли, но истовремено и интелигентна, забавна студија за пишувањето, за статусот на фикцијата и виртуалитетите. Единствената способност на Ренато Баретиќ сложените и тешки теми да ги раскажува едноставно и заводливо, повторно да не' воодушевува со јазичното умеење и да не' изненадува со мајсторските расплети на приказната го прави „Хотел Гранд“ директен наследник на романот со пет награди и хитот со пет ѕвезди – „Осмиот повереник“.
„Размислувај како шампион“ Од Доналд Трамп, „Три“, 251 страница
Оваа книга е интересна, информативна и поучна и ја дава досега најјасната претстава за мислите и срцето на оваа исклучителна личност. „Мудроста на Трамп е непроценлива - ова е перфектна книга во перфектно време”, вели Роберт Киосаки, автор на бестселерот „Богат татко, сиромашен татко“. Доналд Трамп е светски синоним за успех, кој ширејќи ги своите страсни интереси во областа на недвижниот имот, казината, спортот и забавата, постојано поставува нови златни стандарди на успешност. Организацијата „Трамп“ денес е еден од најпознатите и најмоќните брендови во светот. Луѓето долго ќе го помнат по реалното шоу „Изборот на Доналд Трамп“ - долгогодишниот телевизиски хит и по неговата омилена реплика „Отпуштен си!”
„Елементи“ Од Гојко Божовиќ, „Слово“, 241 страница
Неодамна издавачката куќа „Слово“ од Скопје ја објави книгата избрани песни „Елементи“ од Гојко Божовиќ, поет, литературен критичар и есеист од Белград, во препев на Димитар Башевски. Божовиќ е роден во 1972 година, спаѓа во редот на најзначајните автори од помладата генерација. Неговата поезија е преведувана на повеќе јазици во странство и добитник е на значајни награди за поезија. Ова е прва негова објава со книга на македонски јазик. Книгата донесува една рефлексивна поезија, со мошне суптилен и избалансиран јазик. Таа се стреми да ги допре клучните искуства на човековото постоење. Божовиќ за својата поезија од последниве години вели: „Пишувајќи ги овие песни во текот на последниве пет години настојував да склопам мала поетска хроника во која се преплетуваат секојдневјето и митот, радоста на јазикот и ужасот на постоењето, рефлексијата и сетилните знаци на животот“.
|