Државата се договори со семејствата на загинатите во несреќата на Борис Трајковски
Предложен составот на Анкетната комисија за паѓањето на „кингерот“ кај Мостар
По повеќе од една година договарање помеѓу државата и членовите на семејствата на загинатите во падот на авионот на поранешниот претседател Борис Трајковски, постигнат е договор за исплата на висината на штетата. Како што дознаваме, договорот помеѓу тужителите и тужените бил постигнат уште пред неколку месеци, а во меѓувреме била исплатена и штетата што ја побараа членовите на семејствата на загинатите за претрпениот страв и нанесена болка.
Според информациите со кои располагаме, на сопругата, децата и на таткото на трагично загинатиот Борис Трајковски, наводно, им се исплатени отштетни побарувања од 15.000 до 25.000 евра. Според други сознанија, Јавното правобранителство и тужителите се спогодиле и на сите им се исплатени идентични износи. Како тужители, освен сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, се јавуваат уште шест други семејства. Тие уште кон крајот на 2006 година иницираа судска постапка со која бараа надомест на штета.
Иако никогаш не беа презентирани официјални бројки, сепак, се шпекулираше дека тужителите од државата ќе бараат сто милиони денари или 1,5 милион евра. На подготвителните рочишта и државата и тужителите покажаа согласност за вонсудска спогодба за висината на надоместокот за претрпениот страв и за нанесената болка. (Љ.С.)
Предложен составот на Анкетната комисија за паѓањето на „кингерот“ кај Мостар
Собранието в понеделник треба да ги избере пратениците Оливер Шамбевски, Илија Димовски, Александар Николовски и Зоран Петровски од ВМРО-ДПМНЕ, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, Емилијан Станковиќ и Никола Ќуркчиев од СДСМ и Блерим Беџети од ДУИ за членови на Анкетната комисија за утврдување на околностите на загинувањето на претседателот Борис Трајковски. Ваквата одлука вчера едногласно ја усвои Комисијата за избори и именувања, а нејзините членови се договорија ДПА да предложи свој претставник во Анкетната откако ќе се врати во парламентот. Одлуката за формирање Анкетна комисија ја донесе минатиот парламентарен состав во март годинава.
Претседателот на Комисијата, Илија Димовски, потсетувајќи дека за случајот со загинувањето на претседателот Трајковски се заинтересира Советот на Европа, изрази надеж дека со о��аа Анкетна комисија нема да се повтори досегашното искуство кога ваквите тела не успеаја да ги расветлат случаите за кои беа формирани.
За разлика од Димовски, Роза Топузовска-Каревска од ЛДП смета дека станува збор за формално формирање на Анкетната комисија.
„За жал, формирањето анкетни комисии во Собранието резултира само со одлука за анкетни комисии, а голем број од тие анкетни комисии дури и немаат почнато да функционираат, а камоли до крај да го расветлат случајот“, изјави Топузовска-Каревска. (О.В.) |