За јавно веце кумановци да „стиснат“ уште три месеци!
КУМАНОВО - На постојаните барања на граѓаните на Куманово да им се изгради јавно градско ВЦ, градоначалникот Зоран Дамјановски учтиво ги замоли да „стискаат“ уште некој месец. Тој ја разбира големата потреба од таков објект, меѓутоа вели дека не се само тој и локалната самоуправа виновни што кумановци се принудени да вршат нужда на првиот скриен агол.
Стариот кумановец Владо Ламбо со години води своја кампања по локалните медиуми и ги резили градските татковци кои, вели, „имаат пари од буџетот за се', освен за јавен тоалет“. Куманово своевремено имаше градско ВЦ во центарот на градот. Но, во трката за деловен простор е продадено на приватен бизнисмен. Тој просторот од околу 120 квадрати го преадаптира во модерна продавница за автоделови и друга техничка стока.
Во секоја предизборна кампања на кандидатите за градоначалник, вецето им е на врв на јазикот како еден од најнеопходните комунални објекти за градот. Така е и со актуелниот градоначалник Дамјановски кој сега, неколку месеци пред локалните избори, почна да им ветува на кумановци дека ќе направел ВЦ какво што му прилега на град од 110.000 жители. Тој ќе барал од државата да му отстапи земјиште на две локации, а Чоробенско ќоше би било најпогодно!
Граѓаните, пак, повеќе не веруваат отколку што веруваат на ветувањата. Така е речиси 20 години, со таа разлика што сега можат да добијат казна од 50 евра затоа што не го почитуваат Законот. (Ст.Б.) |